ПОВЕЌЕ

    ОТКУП НА ГРОЗЈЕ: Смедеревка и вранец за 18 и 20 денари за килограм, но дали лозарите се задоволни?  

    Време зa читање: 5 минути

    Ниту една винарска визба нема да соопштува која ќе биде производната цена, тоа ќе го прави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, децидни се од таму, објаснувајќи дека според Закон е пропишана Методологија за пресметка на производна цена на двете најзастапени вински сорти, тоа се смедеревката и вранецот.

    Согласно таа Методологија и согласно Законот, Министерството веќе објавило  повик кој што траел 15-тина дена и сега е склучен Договор со Земјоделскиот институт – Скопје. Тоа е научна институција која што треба во наредниот период да излезе со производна цена за двете најзастапени сорти, и таа производна цена треба да биде зголемена за 25% како добивка према лозарите.

    Од Министерството информираат дека секое откупно место ќе биде покриено со претставник од Земјоделскиот инспекторат, каде што ќе прави проверка на сите ваги што постојат на откупните места, затоа што во минатото се случувало да има манипулации во мерењето, и во мерењето на шеќерните единици и во количината, велат оттаму.

    Од министерството велат дека целта во наредните години е да се зголеми производството на вино, да се зголеми извоз и тоа ќе значи сериозен девизен прилив на државата по основ на извоз на вино.

    Најновата најава на водечките винарии во земјата во врска со откупот на грозјето ја окарактезизира како крајно неповолна за лозарите.

    Лозарите постојано се жалат дека никој не ги прашува, и никој со нив не се договара како да соработуваат и по која цена рентабилно би било да се откупува грозјето која ќе одговора и на основните производители и на откупувачите и преработувачите кои, за жал, помогнати од државата го собираат крајниот кајмак. Лозарите велат дека цените што ги најавија своеволно главните откупувачи, говорат дека производителите на грозје во старт се во загуба.

    Националната земјоделска мрежа во Македонија се јавува како нова асоцијација во борба за правата на земјоделските производители. Оттаму споменуваат дека во случајот со откупувачите на грозје кои веќе понудија цени од 16 до 19 денари за најзастапените сорти, кои и најмногу се откупуваат, воопшто не одговараат на земјоделците кои сметаат дека за нив ниска цена за смедеревката и вранцеот ќе биде и 25 до 30 денари за килограм.

    Оттаму децидни се дека новата Влада треба под итно да ги преиспита сите откупни цени, да направи ревизија и на поволностите што ги добиваат откупувачите кои истовремено се и производители, а што добиваат земјоделците од чие производство зависат и последните во целиот овој агроиндустриски бизнис.

    Винарската визба „Тиквеш“, пред официјалниот старт на годинешниот откуп кој вообичаено почнува на први август, ги објави цените по шеќерни единици за секоја сорта винско грозје кое планира да го откупи. „Тиквеш“ е првата и засега единствена домашна винарница која доследно ја испочитува оваа законска обврска.  Согласно објавениот ценовник и сознанијата што ги има винарницата, и оваа година, ВВ „Тиквеш“ ќе ја продолжи практиката од изминатите години и ќе откупи најголема количина грозје, соопшти компанијата. Годинава планирано е  „Тиквеш“ да прими и обработи над 30 милиони килограми квалитетно грозје. Притоа, основната цена по која оваа година ќе се откупуваат најзастапените сорти е дефинирана на 18 денари за килограм смедеревка и 20 денари за вранец, што претставува зголемување од 8% до 19% во однос на минатогодишната цена, која исто така беше зголемена од 20% до 35% во однос на 2022 година.

    Здружението „Вина од Македонија“ смета дека единствено преку ефективен дијалог помеѓу сите засегнати страни може да се дојде до вистинските решенија.

    Според Здружението, постојат потврдени начини и чекори кои треба да се преземат, по примерот на големите вински земји, а со чија имплементација би се надминале сите предизвици во домашното лозарство и винска индустрија, како што се:  воведување и почитување на светските стандарди и практики во лозарството кои треба да обезбедат повисок квалитет на грозјето и виното; вложувања во развој на современо лозарство, преку набавка на соодветна механизација, окрупнување на земјиштето, субвенции за производство со географски ознаки и слично, со кои ќе овозможи намалување на трошоците за производство на грозје; обезбедување поддршка за винарниците кои вложуваат во производство на висококвалитетни вина со контролирано и гарантирано потекло, во напредни технологии и одржлив развој, како и поддршка за зголемување на извозот и позиционирање на македонското вино на светската винска мапа.

    Имплементацијата на овие чекори и обезбедувањето на неопходната поддршка за развој на домашното лозарство и винска индустрија ќе помогне во градењето на имиџот на Македонија како производител на висококвалитетно вино, што ќе има влијание врз зголемување на цените на извезените вина, кое пак ќе донесе поголема трговска размена и поголем девизен прилив, а сето тоа следствено ќе се одрази и на зголемување на цената на грозјето.

    Според податоците на здружжението, просечната цена за литар извезено флаширано македонско вино е зголемена од 1,14 евра во 2020 година, на 2,11 евра во 2023 година. Истовремено, во последните неколку години променета е и структурата на извозот, при што сега близу 40% од извезеното македонско вино во странство е флаширано, што генерира дури над 70% од вредноста на целокупно извезеното вино.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично