ПОВЕЌЕ

    Струјата поскапува за 0,4%, без промени во првиот блок

    Време зa читање: 2 минути

    Домаќинствата од првиот блок и по први јули ќе ја плаќаат истата цена за потрошената електрична енергија. Во вториот блок сметките ќе се зголемат за 0,85 проценти, во третиот за 1,92, а во четвртиот блок за 1,88 насто. Промени има и кај евтината тарифа, која поскапува за 0,65 проценти. Со тоа, нема да бидат предизвикани ценовни шокови, информираше претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

    „Со одлуката што ја достави ЕВН Хоум, и којашто ја проверивме, за 88 отсто од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачката во прв и втор блок, нивниот трошок за електрична енергија ќе се зголеми за 0,4 проценти. Кај осум отсто од домаќинствата со потрошувачка во третиот блок трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0,48 проценти. И за четири отсто од домаќинствата кои влегуваат со потрошувачка во четвртиот блок, трошокот за електрична енергија ќе се зголеми за 0,57 проценти“, наведе Бислимоски, укажувајќи дека за најголемиот дел од домаќинствата зголемувањето е под 0,5 проценти.

    Како што образложи, ова е овозможено со тоа насоката дадена на ЕВН Хоум, 15 отсто од необезбедените количини да ги набавува на Берзата на електрична енергија во периоди кога цената е блиску до таа што ја понуди ЕСМ на тендерот  – од 60 евра за мегават-час.

    Исто така, влијание имале и измените на Законот за енергетика што пред некој ден беа изгласани во Собранието, со што маржата за електрична енергија од 11,5 се намали на 9,9 проценти.

    „Измените на Законот ни овозможија ЕВН Хоум да продолжи да ја врши дејноста без да има потреба да се формира нова компанија и да настанеше една општа конфузија во јули кога граѓаните ќе добиваа две сметки за електрична енергија. Со ова што го направивме, мислам дека не предизвикуваме никакви ценовни шокови и понатаму очекувам дека и ЕВН хоум ќе го направи тоа што треба за да нема зголемување на нивните трошоци за набавка на електрична енергија“, вели Бислимоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично