ПОВЕЌЕ

    Започнува проектот БИЗНИС ЛИДЕР – Нова, иновативна платформа за вмрежување на најдобрите од македонскиот деловен свет

    Време зa читање: 5 минути

    Денес, со прес-конференција беше одбележан почетокот на новиот проект Бизнис Лидер, во организација на компанијата Евентика заедно со Таргет Груп како аналитички партнер и Халкбанк АД Скопје како главен партнер.

    Проектот има за цел да постави нови стандарди во бизнис заедницата преку различни активности – престижна церемонија на доделување награди, бизнис поткаст, специјална публикација и веб-портал, преку коишто ќе се гради платформа за препознавање, вмрежување и поддршка меѓу водечките бизниси во Македонија.

    „Бизнис Лидер е проект за прославување на успехот на македонската деловна заедница, со главен фокус да им оддаде признание, да ги инспирира и поврзе бизнис лидерите, претприемачите, инвеститорите и иноваторите кои придонеле за економскиот раст и развој на Македонија. Целта на проектот е да го поттикне развојот и зајакнувањето на позитивна деловна клима преку промоција на висока деловна пракса на најголемите и најпрофитабилните компании, како и најголемите работодавачи. 

    На 16-ти октомври 2024 година во хотелот Александар Палас ќе бидеме домаќини на гала вечерта на Бизнис лидер, во чии рамки е предвидено спектакуларно шоу, инспиративни говори од успешни менаџери од светски рамки и прослава каква што нашата бизнис заедница заслужува“ – истакна во своето обраќање Владимир Ристевски, ко-основач и извршен директор на Евентика ДОО Скопје.

    Најдобро рангираните компании ќе бидат наградени врз основа на нивните резултати во 2023 година според објективните рангирања за вкупниот приход, профит и број на вработени, според информациите од Бизнис Мрежа, аналитичкиот партнер во овој проект кој детално ги рангира претпријатијата во повеќе од 20 главни индустриски сектори врз основа на овие три клучни критериуми.

    Ќе бидат истакнати победниците во секоја категорија, а оние кои ќе стигнат до Топ 100 во земјата или Топ 10 во нивната индустрија и категорија ќе имаат право да добијат сертификат за успешност.

    „Бизнис Лидер ќе ги награди и истакне успесите на најголемите компании од повеќе индустрии, препознавајќи ги и истакнувајќи ги нивните деловни постигнувања како пример за сите претприемачи и компании.

    Сакаме да оддадеме признание на нашите истакнати бизнис лидери – жени, кои се на позицијата управители на едни од најмоќните и најголемите компании во државата. Признание ќе добијат и најдобрите стартапи во државата, со приходи од над 1 милион евра во првата година или со собрани pre-seed инвестиции од неколку милиони евра.

    Ќе ја истакнеме и наградиме и најбрзо растечката компанија од категоријата компании – газели, која согласно строгите критериуми треба да има тригодишен последователен раст на приходи од над 200%.

    Исто така, ќе биде наградена и најбонитетната компанија во државата, која успева да ги исполни најстрогите критериуми на бонитетната агенција Таргет Груп за последните три години, задржувајќи ја бонитетната оцена во рангот на А оцена, со исполнување на највисоки бодови од сите клучни финансиски индикатори“ – изјави Огнен Огненоски, основач и извршен директор на Таргет Груп ДОО Скопје.

    Во оваа прилика до претставниците на медиумите се обрати и Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје, главен партнер на проектот Бизнис Лидер.

    Халкбанк отсекогаш била поддржувач на бизнисот, и тоа на компании од сите категории – како на големите етаблирани успешни компании, така и на малите, средни и микропретпријатија, кои еден ден, со вистинска поддршка ќе прераснат во бизнис лидери. Затоа и со задоволство прифативме да го поддржиме и да бидеме партнер на еден ваков проект, кој го прославува успехот на македонските компании, истакнувајќи ги успешните приказни и нивните достигнувања.

    За да се стане бизнис лидер потребна е визија, храброст, но и многу труд, работа и посветеност. Токму тоа беа основните постулати на кои Халкбанк АД Скопје ја градеше својата приказна во Северна Македонија, почнувајќи од 2011 година кога Халкбанк како бренд започна да дејствува на македонскиот финансиски пазар. Знаевме дека нѝ претстои многу работа за да ја оствариме нашата цел – да станеме една од најголемите банки во земјата, и во тоа и успеавме“, изјави Билал Суџубаши, главен извршен директор на Халкбанк АД Скопје.

    Организаторите на Бизнис Лидер велат дека за 2023 година во категоријата Топ 500 компании по приходи во Македонија, компаниите имаат вкупни приходи од 21,2 милијарди евра. Во категоријата Топ 500 по број на вработени, сите 500 компании вработуваат 173.698 луѓе, што претставува над 21% од вкупниот број на вработени лица во државата. Во периодот кој следи, преку овој проект тие ќе ја запознаат македонската јавност со сите бизнис лидери во Македонија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично