Зголемени приходи од продажбата на сопствените производи, особено од извезените. Повеќе инвестиции. Нови вработувања. Повисока добивка. Ваквата „крвна“ слика е вообичаена за „Алкалоид“ и на бројките во кварталните извештаи не се гледа како на изненадување, бидејќи самата компанијата има поставено високи стандарди.
За три месеци, од јануари до март, најголемата и најуспешна фармацевтска куќа остварила единечна нето-добивка од 390.911 илјади денари или над 6,3 милиони евра. За една година има десетпроцентно зголемување. Консолидираната нето-добивка, пак, е 479.529 илјади денари, односно 7,79 милиони евра. Тука растот е девет насто.
Производите на компанијата, пред сѐ во доменот на фармацијата, се препознатливи на пазарите. Оттаму и единечните тримесечни вкупни приходи од 3.532.301 илјада денари (близу 57,4 милиони евра), кои во споредба со истиот лански период се повисоки за 11 проценти. А, во структурата, со 97 проценти, најголем е уделот на приливите од продадените производи и услуги, кои бележат десетпроцентен раст. Остварените консолидирани вкупни приходи изнесуваат 4.996.650 илјади денари (81,1 милион евра), а кај нив напредокот е 12 проценти.
Од реализираните консолидирани продажби, 73 отсто се на странските пазари. Во тие рамки, најголем пораст компанијата регистрирала во земјите од Источна Европа – 25 проценти и во Западна Европа – 21 насто. Или, од домашно потекло се 1.345.469 илјади денари (21,86 милиони евра), додека од странски пазари има приливи од 3.579.791 илјада денари (58,16 милиони евра). Најмногу носат антибиотиците и тука се работи за 1.549.239 илјади денари (25,17 милиони евра).
Што се однесува до трошоците, кога се работи турбо, и во тој дел има раст – 11 насто кај единечните вкупни расходи, кои во првите три месеци од годинава изнесуваат 3.119.599 илјади денари (50,6 милиони евра). Кај консолидираните вкупни расходи износот е 4.448.361 илјади денари (72,2 милиони евра), а зголемувањето 13 проценти.
Зад сите овие постигнувања стојат 2.910 вработени. Во бројката се и 90 лица, кои работниот ангажман го добиле во првите три месеци од годинава. Во земјава работат 2.215 од вработените, а 695 се во капитално поврзаните друштва во странство. Сите тие во март го добиле популарниот К-15, во нето-износ од 40.500 денари. Впрочем, со години наназад „Алкалоид“ е меѓу најпосакуваните работодавачи, токму поради условите за работа и грижата за вработените.
Фармацевтската компанија постојано инвестира, а годинава го заокружи својот најголем потфат – нов погон за производство на цврсти фармацевтски форми Таблетно одделение 2.0 и придружни технички простории, со вложени 19,4 милиони евра. Инаку, во првото тримесечје, во основни средства се инвестирани 298.251 илјада денари (4,8 милиони евра).
Со „Омепразол“ во течна форма компанијата направи историски исчекор, па оттаму и очекувањата дека наскоро ќе почне да се применува и во ЕУ, каде што се во тек постапките за регистрација. Првите одобренија лекот ги доби за Македонија и за Обединетото Кралство.
Уште многу предизвици и работа има до крајот на годинава, за која е предвидено вложување на околу 10 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, десетпроцентен раст на консолидираните продажби и зголемување на консолидираниот профит пред оданочување за седум насто. Со други зборови, во „Алкалоид“ и натаму ќе се исцртува линијата на растот и развојот.