Групацијата „Триглав“ ги задржа финансиската сила и стабилност, што повторно е потврдено со високиот кредитен рејтинг „А“ со стабилна среднорочна прогноза. Во текот на минатата година, согласно неревидираните податоци, Групацијата бележи 12-процентно зголемување во вкупниот обем на деловно работење. Изразено низ бројки – 1.780,2 милиони евра. Добивката пред оданочување изнесува 21,1 милион евра, а нето-добивката е 16,3 милиони евра.
„Заработката е во согласност со средногодишната проценка објавена од страна на Групацијата поради еднократни настани, особено регулираната цена на дополнителното здравствено осигурување во Словенија и рекордно високите штети од природни катастрофи, чие што влијание врз работењето на Групацијата беше ограничено преку адекватна заштита со реосигурување. Поради овие околности и инфлаторните притисоци, кои што влијаат врз штетите и трошоците, комбинираниот количник за сегментите на неживотно и здравствено осигурување се зголеми на 101,6%“, образложуваат од „Триглав“, додавајќи дека се постигнати одржливите амбиции преку конзистентно спроведување на стратешките развојни активности.
Воедно, за годинава се предвидува нормализирање на деловните услови, па со тоа и поголеми остварувања. Во план е вкупниот обем на деловната активност да достигне околу 1,6 милијарди ева, при што се зема предвид влијанието што го има укинувањето на дополнителното здравствено осигурување во Словенија. Понатаму, зацртано е дека добивкате пред оданочување би требало да дојде до нивото од 100-120 милиони евра и комбиниран количник во сегментите неживот и здравје од околу 95 проценти.
Поволните услови на финансиските пазари лани ѝ овозможија на Групацијата да постигне добар инвестициски резултат, позитивни други сеопфатни приходи и успешно управување со средствата. Во осигурителната дејност се издвојуваат достигнувањата во сегментите на животно и пензиско осигурување. Како што наведуваат, врз резултатите во сегментите неживот и здравје значително влијание имаа еднократните настани, што се ефектуирало со повисок коефициент на загуба и комбиниран количник од 101,6% (2022 – 99,7%).
„Минатата година беше исполнета со предизвици. Природните катастрофи резултираа со зголемена потреба за поддршка за нашите осигуреници и од деловна перспектива, предизвикаа историски високи загуби за Групацијата. Покрај горенаведените фактори и инфлацијата на штети, значително влијание врз нашите резултати имаше и владиното регулирање на цената на доброволното здравствено осигурување во Словенија. Оваа година веќе не го нудиме тоа осигурување, но ќе продолжиме да развиваме и продаваме дополнително здравствено осигурување на пазарите во регионот Адриа, бидејќи веруваме дека има значителен долгорочен потенцијал“, вели претседателот на Управниот одбор на Заваровалница Триглав, Андреј Слапар, додавајќи дека со демонстрираната флексибилност и издржливост ја задржале финансиската сила и водечката пазарна позиција во регионот, истовремено зголемувајќи го обемот на делување и работејќи со профит.
Според неревидирани податоци, вкупниот биланс на состојба на последниот ден од декември 2023 изнесува 4.099,0 милиони евра, а вкупниот капитал 891,1 милион евра. При ниски остварени нето-приходи по оданочување, нето-профитабилноста на капиталот изнесува 1,8 отсто (во 2022 било -0,7%).
Раст од 12 насто е забележан кај бруто полисираната премија, која сочинувала 93 отсто од вкупниот деловен обем. На словенечкиот пазар, каде што се обезбедуваат 63 проценти од осигурителната премија, зголемувањето на премијата изнесувало 9 проценти, согласно пазарните трендови. На останатите пазари од регионот Адриа порастот бележи 7 насто, додека на меѓународниот пазар, каде што Групацијата работи главно по принципот на слободен проток на услуги и со активни реосигурителни операции, растот достигна 28 насто.
Деловниот резултат во осигурување изнесува -9,4 милиони евра (2022 година – 12,6 милиони евра). Групацијата оствари добар резултат од 16,7 милиони евра во сегментот животно и пензиско осигурување, во сегментот неживот 0,8 милиони евра, а во здравје -26,8 милиони евра. Приходите од осигурување се зголемени за 12% на 1.351,2 милиони евра, остварените штети за 33% на 1.021,2 милиони евра и расходите за 12% на 363,0 милиони евра.
Нето-инвестицискиот резултат изнесува 22,0 милиони евра (2022: –14,3 милиони евра). Стапката на поврат на инвестициите (без вложувањата во корист на клиентите кои го преземаат ризикот од инвестирање) изнесуваше 1,8% во 2023, а во 2022 -0,4%.
Од управувањето со средства и другите неосигурителни дејности достигнати се 8,4 милиони евра, поради добриот резултат во доменот на управување со средства. Една година пред тоа се работело за 16,9 милиони евра како последица на еднократни настани.
Значителен одраз врз работењето имале природните катастрофи, кои нанеле огромна штета на Групацијата во проценет бруто-износ од 212 милиони евра. Според проценките, бруто-штетата од невремето со град и ветер во Словенија е 86 милиони евра, а од августовското невреме и поплавите 77 милиони евра. Поголемиот дел од другите пазари на Групацијата исто така беа погодени од природни катастрофи, со најголеми штети забележани во Хрватска (14 милиони евра) и Србија (8 милиони евра). Проценетите масовни штети од реосигурување изнесуваат 27 милиони евра.
Останатите сеопфатни приходи на Групацијата изнесуваат 34,7 милиони евра, додека во претходната година беа негативни и изнесуваа -50,9 милиони евра.
Групацијата ја следи својата главна стратешка цел – извонредно и униформно искуство на клиентите низ сите канали, сите процеси, сите производи и компании. Трансформацијата на Групацијата се заснова на униформното управување со искуството на корисниците и дигиталното работење.