Анализа: Кои фирми добиле најмногу тендери во 2023 година?
Компанија којашто можеби не ѝ е позната на широката јавност е главниот добавувач на средства за хигиена на многу институции, општини, училишта, факултети, како и на здравствени установи. Станува збор за Друштвото за производство, трговија и услуги РИКИ-ЈУНИОР ДООЕЛ увоз-извоз Кочани, која, верувале или не, минатата година склучила дури 548 договори за јавни набавки, или речиси секој ден по две, а ако се земат предвид неработните денови во текот на една година, сигурно е дека два договора дневно ѝ била непишаната норма.
Порталот Пари, во соработка со БизнисМрежа.мк, анализира: Кои фирми добиле најмногу тендери во 2023 година? На врвот од листатата е РИКИ-ЈУНИОР ДООЕЛ увоз-извоз Кочани. Но, тоа не значи дека оваа компанија добила и најмногу пари.
Во првата десетка по број на тендери се компании коишто го овозможуваат базичното функционирање на државата. Па така, најбројни се веледрогериите, од кои, секако, често имаат потреба здравствените установи, а чести „тендераши“ се и снабдувачите со нафтени деривати, како и една телекомуникациска и една осигурителна компанија.
Извор: БизнисМрежа.мк
Како што може да се види од податоците, иако Рики-јуниор – Кочани е фирмата што добила најмногу тендери, таа во 2023 година склучила рамковни договори со вредност од 2,3 милиони евра. Помал вкупен износ од неа имала само АД Осигурителна полиса, која за 318 договори, или речиси еднаш дневно договарање, ставила потпис на вкупно 1 милион евра.
Во јавното здравство, шампион по договорен износ, со склучени 283 договори, е веледрогеријата Д-р Пановски, која снабдува аптеки и болници со лекови и медицински материјал. Веднаш зад неа е домашниот производител на лекови Алкалоид, кој, со склучени 289 договори, договорил испорака на лекови за 39,2 милиони евра. Во ова друштво е и Фарма трејд, која е десеттата компанија по број на склучени договори – лани добила 238 тендери со вредност од 12,6 милиони евра. И Промедика врши продажба на лекови, а добила 264 тендери со вредност од 6,3 милиони евра. За лабораториски апарати и материјали, јавното здравство најмногу договори склучило со Биотек – склучени се 370 договори лани, со вредност од 12,6 милиони евра.
Најомилен испорачувач на нафтени деривати на јавните институции им бил Пуцко петрол од село Пласница. Компанијата добила 394 тендери за 23,3 милиони евра. Потоа е Макпетрол, со 336 тендери и 20,8 милиони евра договорена вредност.
Во телекомуникацискиот сектор најмногу договори се склучени со А1 Македонија – 310, за 9,7 милиони евра.
ПРВ ДЕЛ АНАЛИЗА: 10 ТЕНДЕРИ ЧИНЕЛЕ НАД 175 МИЛИОНИ ЕВРА, ИЛИ 3,3 ПРОЦЕНТИ ОД ЛАНСКИОТ БУЏЕТ
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска