ПОВЕЌЕ

    Поттик за производството на храна – со обработливото државно земјиште ќе располагаат земјоделците

    Време зa читање: 3 минути

    Државата го поттикнува производството на храна. Земјоделците, како физички или правни лица, имаат можност да закупат земјиште до три хектари на подолг временски период, од 15 до 70 години. Распишани се четири јавни повици, кои се однесуваат на земјоделско земјиште во државна сопственост распоредено во 34 региони во 878 катастарски општини, односно во сите селски средини низ државата.

    Предвидено е подигање на долгогодишни насади, како лозја, овоштарници, хмељ, и оранжерии, а за таа намена земјиштето ќе се издаде за период до 30 години. За насади со лешник закупот е до 70 години, а за маслинарници – до 50 години.

    За одгледување други земјоделски култури и за поставување пчелни семејства одреден е  период до 15 години, исто како и за ливади.

    Земјоделско земјиште кое се наоѓа на надморска височина над 700 метри ќе се дава под закуп за одгледување брзо растечки дрвја. За оваа намена е предвиден период до 30 години.

    Исто така, има можност и за рибници. Тие што се занимаваат со оваа дејност, можат да добијат земјиште што ќе го користат до 20 години.

    Всушност, повикот се однесува за доделување земјоделско земјиште на кое веќе има долгогодишни насади. Конкретно, за да аплицираат сопствениците на насадите, со цел да го регулираат правото за користење на земјиштето. Правото да се јават на повикот за доставување понуди го имаат домашни физички и правни лица, но и странски правни лица.

    Рокот за аплицирање е 30 дена од распишувањето на јавните повици.

    Од ресорното  Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство посочија дека целта е секоја обработлива земјоделска површина да се стави на располагање на земјоделците.

    „Распишавме четири нови јавни повици за добивање земјоделско земјиште во сите села низ државата, овозможувајќи го правото на земјоделците сами да одберат парцели до 3 хектари. Наша цел како Министерство е секоја една обработлива земјоделска површина да ја ставиме на располагање до земјоделците и во функција за производство на домашна храна.

    Ги повикувам сите земјоделци да се информираат на www.mzsv.gov.mk, навремено да аплицираат, и да ја искористат оваа можност“, напиша синоќа на својот „Фејсбук“ профил министерот Љупчо Николовски.

    Земјоделството подолго време се соочува со проблеми – ниски откупни цени, неизвесен пласман, климатски промени, иселување на младата работна сила… Што, пак, рефлектира со намалување на родот, па се поизразена е ориентацијата кон увозот на земјоделски производи. Наспроти тоа, за подобра цена, домашните производи се извезуваат. Оттаму и укажувањата дека државата мора да се ангажира, да ги стимулира земјоделците и да се донесе долгорочна стратегија за оваа гранка која е од извонредно витално значење.

    Инаку, и во изминатите години земјоделците имаа можност да добијат земјиште. Лани се работело за 6.406 хектари обработливо земјоделско земјиште, а во 2022 за над 14 илјади хектари за обработка на житни култури, подигнување долгогодишни насади и за производство на сточна храна.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично