ПОВЕЌЕ

    Ќе се градат два откупно-дистрибутивни центри – Потпишан консултантски договор од половина милион евра

    Време зa читање: 2 минути

    Нови откупно-дистрибутивни центри ќе се градат во Струмица и во Ресен и ќе бидат клучни во обезбедувањето стандардизирано производство, сортирање, пакување, складирање и подготовка за преработка на земјоделските производи. За оваа цел Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потпиша договор за консултантско партнерство со група фирми – Глобалтек Десаролос, Коленко ДООЕЛ, Њу Вижен ДОО и Биро за Урбанизам Битола ДООЕЛ.

    Работата е поделена во три фази, кои вклучуваат избор на локација, урбанистичко планирање, физибилити студија, стратешки и бизнис план, проценки на влијанието врз животната средина и социјални аспекти, главен проект и финализирање на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти.

    Откупно-дистрибутивниот центар во Ресен епредвидено да се простира на површина од околу 10.000 м2, и да процесира околу 5.000 до 8.000 тони овошје. А, откупно-дистрибутивниот центар во Струмица ќе претставува клучен објект во регионот за интензивно производство на зеленчук, за кој е потребно складирање и ладење, сортирање, пакување или подготовка за преработка.

    „Овие откупно-дистрибутивни центри ќе бидат од суштинско значење за зајакнување на конкурентноста, пристап до меѓународни пазари и остварување повисоки награди, што би донело директни економски придобивки за регионот“, нагласи министерот Љупчо Николовски, кој наведе дека потпишаниот договор е во износ од околу половина милион евра.

    На потпишувањето на договорот присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски.

    „Со денешното потпишување на договорот, се преземаат подготвителни активности за реализација на два откупно-дистрибутивни центри во нашите најголеми производствени региони, Струмица и Ресен, кои заедно со новата логистичко-дистрибутивна платформа во Скопје ќе создадат услови за воспоставување на национален систем за дистрибуција на храна“, истакна премиерот, кој за поддршката од 46 милиони евра и се заблагодари на Светска банка.

    Координаторката на Проектот за модернизација на земјоделството од Светска банка, Ивана Наумовска, претставувајќи го проектот, рече дека очекуваат да се испорачаат сите предвидени активности. Проектот за модернизација на земјоделството, како што нагласи Наумовска, се имплементира во рамки на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во вкупен износ од 50 милиони евра од кои 46 се заем од Светска Банка и четири милиони се од ЕУ – ИПА грант.

    Целта на проектот е да се подобри конкурентноста на земјоделскиот сектор во државата.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично