Девет нетрговски трансфери на акции од пет компании и една банка се реализирале во текот на една работна недела (од петок до петок). Сопственоста е сменета кај 1.431 обична и 157 приоритетни акции. Последниве се издадени од скопската Стопанска банка.
Кај обичните доминантни се акциите на „Гранит“. Во три наврати 1.295 се пренесени како подарок, наследство или за друга законски предвидена цел. А, 136 се акции од другите четири компании.
На десетти месецов Македонска берза, според податоците од Централниот депозитар за хартии од вредност, информираше за една активност од овој вид. Притоа, предмет на трансфер била 271 обична акција на „Гранит“ АД Скопје.
И во наредната, понеделничка објава, е застапен „Гранит“, со пренесени 196 акции. Исто така, сопственоста е променета и на 46 обични акции издадени од „Окта“ АД Скопје.
Последниот нетрговски трансфер на акциите на „Гранит“ е на 14 ноември, кога пренос е извршен на 828 обични акции. Истиот ден овој процес го минале 12 приоритени акции на Стопанска банка АД Скопје.
Акцијата на скопски „Макпетрол“ и во изминатиот период се споменуваше во берзанските инфо објави. Овој пат, пренесени се пет обични акции од најголемиот домашен дистрибутер на горива.
Во информацијата пласирана на последниот работен ден поторно се споменува Стопанска банка – со нетрговски трансфер на 145 приоритетни акции. Заедно со „Раде Кончар – Апаратна техника“ АД Скопје и Цементарница „Усје“ АД Скопје. Трансферирани се 16 обични акции од првата, односно 69 обични акции од втората компанија.
Во споредба со претходните седмици, преполовен е бројот на акциите кои на овој начин го промениле сопственикот.