Забавува динамиката на отворање нови компании во државава. Во третиот квартал од годинава биле отворени 1.843 нови фирми, што е многу помалку од истиот период лани, кога биле отворени 3.166, покажуваат податоците од платформата БизнисМрежа.мк. Ако, пак, се спореди со третиот кавратал од 2021 година, може да се види дека сега сме на слично ниво – тогаш се отвориле 1.664 компании.
Податоците покажуваат дека во 2022 година имаше извесно охрабрување на инвеститорите по пандемиската 2021 година, но сега, се чини, повторно спласна инвестицискиот оптимизам. Можеби малку надеж дава фактот дека низ месеците има мало зголемување на бројките, па така, во јули годинава има 459 новоотворени компании, во август 460, а во септември 564.
Порталот Пари анализира во кои градови има најмногу отворени нови фирми и во кои дејности.
ТРГОВЦИТЕ СО УБЕДЛИВО ВОДСТВО
Во петте најдоминантни дејности има 938 нови фирми, или речиси половина од сите новоотворени фирми во третиот квартал од годинава. Тоа се дејностите: Трговија на големо и мало; Стручни, научни и технички дејности; Други услужни дејности; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна; Градежништво.
Она што може веднаш да се воочи е дека во првите 5 дејности каде што има новоотворени фирми, ја нема преработувачката индустрија, која секогаш можевме да ја видиме во ТОП 5. Минатата година, на пример, во истиот период таа се наоѓаше на трето место, но годинава е на шесто.
Трговците убедливо најмногу отворале нови фирми. Речиси секоја петта фирма од новоотворените е трговска, односно од вкупно 1.843 новоотворени компании 345 се во дејноста Трговија на големо и мало.
Овој пат имаме и многу новоотворени фирми коишто се класифицирани во Стручни, научни и технички дејности. Според Националната класификација на дејности, тука спаѓаат: правни и сметководствени дејности; управувачки дејности, во кои влегуваат и разни архитектонски и инженерски дејности; научно истражување и развој; маркетинг, истражување на пазар. Со ваква шифра на дејност има 176 новоотворени фирми во третиот квартал од 2023 година.
Други услужни дејности, според Националната класификација на дејности, содржи: дејности на организации врз база на зачленување; поправка на компјутери и предмети за лична употреба и за домаќинства; други лични услужни дејности (перење и хемиско чистење, фризерски салони и салони за разубавување, погребни и слични дејности). Во овој сектор во третиот квартал се отворила 151 фирма.
Угостителите и хотелиерите го држат четвртото место, таму има 146 новоотворени фирми.
И градежниците, вообичаено, влегуваат во ТОП 5 и овојпат имаат 120 новоотворени фирми.
ТОП 5 дејности со новоотворени фирми во третиот квартал од 2023 година
ВО КОИ ГРАДОВИ СЕ ОТВОРИЛЕ НАЈМНОГУ КОМПАНИИ?
Во 5 градови: Скопје, Тетово, Битола, Куманово и Охрид, има вкупно 960 новоотворени фирми, или 52 насто од сите новоотворени фирми во третиот квартал од 2023 година. Логично, најмногу има во Скопје, дури 702 – што е 38 насто од сите новоотворени компании во државава.
Топ 5 градови по отворени фирми во третиот квартал од 2023 година
Ако се спореди со истиот период лани, може да се види дека годинава во ТОП 5 влегле Охрид и Битола, но затоа ги нема Струга и Гостивар, кои лани беа на четвртата, односно на петтата позиција.
Редакција Пари