Периодот од 1.1.2023 до 30.9.2023 година го обележа нарушено економско и политичко опкружување, што е резултат на воениот конфликт меѓу Русија и Украина. По пикот достигнат во летото 2022 година, цената на енергенсите регистрира надолно движење, а тоа резултираше со одредено забавување на увезената и на домашната инфлација. Народната банка продолжи со затегнување на монетарната политика преку зголемување на каматната стапка на благајничките записи и на каматните стапки на расположливите депозити, што, пак, услови придвижување на каматните стапки во банкарскиот сектор.
Стопанска банка а.д. Битола во вакви услови на економска активност дејствуваше во насока на остварување на краткорочните финансиски и долгорочните стратешки цели, применувајќи флексибилен пристап кон промените во домашното и глобалното макроекономско опкружување.
- Финансиски перформанси на Банката
Во првите девет месеци од тековната година, оперативниот резултат од работењето на Банката е позитивен и достигна ниво од 129,78 милиони денари, што претставува подобро остварување за 80,82 % споредено со истиот период од минатата година. Прудентното водење на политиката за рационализација на оперативните трошоци во услови на зголемени нето-приходи од камати, придонесе за позитивни остварувања во оперативното работење, што се гледа и од соодносот на оперативните трошоци со оперативните приходи (cost to income ratio), кој изнесува 71,27 %. Ваквата политика на Банката, при значителна активност за наплата на нефункционалните кредити и продажба на преземен имот, се очекува да резултира со позитивни поместувања во периодот што следува.
Нето-приходите од камати бележат зголемување за 38,94 %, односно 93,92 милиони денари во однос на остварувањето од минатата година. Приходите од камати се повисоки за 112,95 милиони денари, односно 35,48 %, додека расходите за камати
бележат годишно зголемување од 19,03 милиони денари, односно 24,66 %. Остварувањето во оваа позиција го надминува планот за третиот квартал од 2023 година за 23,36 %
Нето-приходите од провизии и надоместоци се пониски за 10,72 милиони денари, односно за 9,94 % споредено со истиот период од претходната година. Притоа кај приходите од провизии и надоместоци беше евидентирано годишно намалување од 5,19 милиони денари, додека расходите пораснаа за 5,53 милиони денари. Остварувањето на планот за третиот квартал од 2023 година во оваа позиција изнесува 85,81 %.
Нето-приходите од курсни разлики се позитивни во износ од 17,59 милиони денари и не бележат значајни годишни промени во апсолутен износ, а планот за третиот квартал од 2023 година е остварен со 86,86 %.
Останатите приходи од дејноста се пониски за 5,81 милиони денари споредено со периодот 1.1.2022 – 30.9.2022 година, кога беа остварени поголеми капитални добивки од продажба на преземен имот. Планот за третиот квартал од 2023 година во оваа позиција е реализиран со 74,32 %.
Според проценките за квалитетот на кредитното портфолио во значително тешки економски услови за клиентите на Банката, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува -240,62 милиони денари. Загубата поради оштетување на нефинансиските средства на нето-основа изнесува 1,14 милиони денари, следствено на ослободената ревалоризациска резерва од продажба на преземен имот, којашто се должи на продажба на дел од преземениот имот.
Трошоците за вработените бележат зголемување од 15,76 % во споредба со истиот период од претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е остварен со 101,85 %. Останатите расходи од дејноста се повисоки за 6,19 %, а реализацијата на планот за третиот квартал од 2023 година изнесува 97,08 %. Амортизацијата е пониска за 7,67 % на годишна основа, а планот е остварен со 86,77 %.
- Промени во сметководствените политики и методи на вреднување
Во периодот 1.1.2023 – 30.9.2023 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.
- Дивиденди
Во согласност со Одлуката за употреба и распоредување на остварената добивка по годишната сметка за 2022 година на Стопанска банка а.д. Битола, усвоена на седницата
на Собранието на акционери одржана на 4.5.2023 година, Банката не исплати дивиденда за 2022 година.
- Вложување или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата бележат намалување од 3,37 % во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2022 година.
- Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемувања поголеми од 30 % во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити бележат намалување од 10,14 % споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи за 2022 година.
- Очекувања за претстојниот период
Во периодот што следува Банката очекува одредено стабилизирање на макроекономското опкружување и умерено нагорно придвижување во економијата, притоа приспособувајќи го своето работење на деловната клима и на динамиката на пазарот. Како фактор на ризик за очекуваното макроекономско стабилизирање, сепак останува неизвесноста околу движењето на инфлацијата, цените на енергенсите, константното зголемување на каматната стапка на благајнички записи и потенцијалните економски реперкусии од развојот на ситуацијата со Русија и Украина, а и со конфликтот во Израел.
Во согласност со Деловната политика, развојниот и финансискиот план, Банката и во идниот период ќе биде насочена кон прудентно, стабилно и профитабилно оперативно работење со фокус на јакнење на депозитниот потенцијал, понатамошно подобрување на вкупната актива преку засилено преземање интензивни мерки и активности за наплата на нефункционалните кредити, подобрување на квалитетот на кредитното портфолио, како и активности поврзани со продажба на преземениот имот и контрола на трошоците. Воедно, Банката ќе настојува да ја одржи динамиката на раст на приходните позиции во однос на динамиката на раст на расходите, што ќе создаде предуслови за профитабилно работење во согласност со планските цели.