ПОВЕЌЕ

    Се одржа 48. сесија на Клубот на истражувачи: Презентиран трудот награден од Народната банка

    Време зa читање: 2 минути

    Tрудот награден со Годишната награда за млади истражувачи на Народната банка – „Поврат на акции, ризик и карактеристики на претпријатијата на пазарите во развој: Емпириски докази од Македонската берза“ од Александра Данева, беше презентиран на последно одржаната 48. сесија на Клубот на истражувачите.

    Сесијата ја отвори вицегувернерката Ана Митреска, која посочи дека Народната банка преку поголем број активности и иницијативи дава поддршка и ја стимулира креативната научно-истражувачка работа од областа на економијата и финансиите. Една од тие алатки е Годишната награда за млади истражувачи, која годинава ѝ беше доделена на Александра Данева. Трудот се одликува со конзистентност на тезите и истражува релевантна област којашто се однесува на испитувањето на карактеристиките на фирмите коишто влијаат врз приносите на акциите со кои се тргува и моделирањето индекс на променливост за Македонската берза.

    Авторката Данева посочи дека овој труд истражува кои карактеристики на фирмите влијаат врз повратот од акции и го пресликуваат индексот на нестабилност на Македонската берза, којашто е во подем. Покрај тоа, повратот на индекс и карактеристиките на фирмите се споредуваат со една развиена земја како што е Словенија, за да се види дали пазарите во земјите во подем значително се разликуваат од веќе развиените. Анализата на овој труд е поделена на три дела и се заснова на податоци во периодот од 2017 до 2021 година.

    По завршување на презентацијата, беше отворена дискусија помеѓу учесниците на сесијата.

    Клубот на истражувачите е отворена платформа за презентација и разгледување научно-истражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. На сесиите учествуваат аналитичари и истражувачи од научно-образовни и финансиски институции, студенти и останати заинтересирани учесници или слушатели. Зачленувањето во Клубот е од отворен карактер и може да се направи преку барање за членство на следнава електронска адреса: [email protected]. Членовите добиваат редовни известувања за сесиите и активностите на Клубот на истражувачите.

    Сесиите на Клубот се одржуваат четирипати годишно. Народната банка објавува повик до истражувачите за поднесување труд, којшто може да биде и во работна верзија. Трудовите се работат во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, односно со солидна емпириска анализа и систематизирани заклучоци од истражувањето. Следната сесија ќе се одржи во декември годинава.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично