Народната банка има активно учество на меѓународните финансиски пазари, при што одлуките за инвестирање на девизните резерви ги заснова на темелна економска и финансиска анализа, со поткрепа од мноштво технички и квантитативни показатели, кои придонесуваат за носење навремени инвестициски одлуки засновани врз информации и за соодветно управување со ризиците. На ова посочи директорот на Дирекцијата за операции на финансиските пазари, Зоран Пановски, на Регионалната конференција за техничка анализа на финансиските пазари во организација на Здружението на пазарни техничари од Јужна и Источна Европа – СЕЕМТ. Притоа, се осврна на значењето и на техничката анализа, нагласувајќи дека со неа се обезбедуваат вредни насоки за инвеститорите и учесниците на пазарот, бидејќи може да се примени на сите финансиски инструменти, вклучително и акциите, обврзниците, стоковните продукти и валутните парови. Таа наоѓа поширока примена на пазарите на стоковни продукти и на девизните пазари, каде што има високофреквентни податоци и инвеститорите се фокусираат на краткорочните, но и повторливите, циклични движења на цените. Оттука, ја истакна потребата од натамошно зајакнување на финансиската едукација и соодветната информираност на инвеститорите, што е од извонредно значење при донесувањето соодветни инвеститорски одлуки.
Директорот Пановски истакна дека една од стратегиските цели на Народната банка е финансиската едукација и инклузија, којашто е тесно поврзана и со развојот на домашните финансиски пазари. Финансиски образованото население и финансиските експерти придонесуваат за приспособување кон промените во општеството, домашната економија и окружување, за зголемена свесност за финансиските можности и ризици, што претставува предуслов за развој на финансиските пазари.