Можеби едни од најчестите прашања што си ги поставуваме додека работиме е колкава ќе ни биде пензијата. Кога можеме да се пензионираме? Колку ќе трошиме додека сме во пензија?
Возраста на која ќе се пензионираме и должината на работниот век има огромно влијание врз сумата што можеме да ја заштедиме. Понекогаш, можноста за вработување и здравствената состојба можат да бидат одлучувачки фактор за возраста на пензионирање, сепак, без сомнение, подолгиот работен век го олеснува постигнувањето на финансиските цели. Друго важно прашање е каков начин на живот сакаме да имаме по пензионирањето, бидејќи трошоците не се исти како и додека работиме.
Во нашата земја, со реформата на пензискиот систем беа поставени основите на капитално финансираното пензиско осигурување, односно беше воспоставен тростолбен пензиски систем:
- Првиот столб е задолжителен јавен, кој работи на принцип на тековно финансирање (уплатените придонеси од тековните осигуреници веднаш се трошат за плаќање на пензиите на тековните пензионери).
- Вториот столб (задолжителен) и Третиот столб (доброволен) ги сочинуваат капитално финансираните пензии, каде што уплатените придонеси се уплаќаат на индивидуална сметка и/или доброволна индивидуална/професионална сметка, се инвестираат и се акумулираат, а потоа се користат за исплаќање на лична пензија.
- Како се стекнува право на старосна пензија
Осигуреник стекнува право на старосна пензија со исполнување на два услова:
– Навршување на 64 години живот за маж, односно 62 години живот за жена.
– Најмалку 15 години пензиски стаж.
Осигурениците кои се членови на двостолбниот пензиски систем, по исполнување на двата услова наведени погоре, ќе остварат пензија од два извора:
– Првиот столб – Фондот на ПИОСМ.
– Вториот столб – Пензиско друштво/осигурителна компанија за животно осигурување.
- Пресметување пензија од првиот столб
Пензијата од првиот столб зависи од неколку фактори:
– годините поминати во осигурување за коишто е платен придонесот,
– висината на нето-платата.
Од нето-платите остварени во текот на работниот век се пресметува т.н. пензиска основица. Пензиската основица претставува просек од валоризираните плати (месечните плати се доведуваат на ниво на последната година пред пензионирање со помош на т.н. коефициенти). На така пресметаната пензиска основица се применува процент што зависи од годините на пензискиот стаж. Процентот за членовите во двостолбниот пензиски систем изнесува:
– 1% за секоја година пензиски стаж за маж,
– 1,14% за секоја година пензиски стаж за жена.
За полесно разбирање, ќе го објасниме истото со пример.
Осигуреник маж, член на двостолбен систем, работел 25 години и има пензиска основица од 40.000 денари. Целиот пензиски стаж е по 2006 година (годината во којашто почнува уплатата на придонесите во вториот столб). Грубата пресметка на пензијата од првиот столб би била:
25 x 1% = 25%
40.000 * 25% = 10.000 ден.
Значи, овој осигуреник во моментот на пензионирање ќе земе пензија од 10.000 денари од првиот столб.
- Пресметување пензија од вториот столб
Износот на пензија од вториот столб исто така зависи од повеќе фактори:
– Акумулираниот износ на средства на сметката – повеќе акумулирани средства на сметката значат повисок износ на пензија.
– Возраста на пензионирањето – колку подоцна се пензионира членот, толку повеќе ќе има акумулирано средства на својата индивидуална сметка, а периодот на користење на пензијата ќе биде пократок, па според тоа и износот на пензијата ќе биде повисок.
– Полот на пензионираниот член – според статистичките податоци, жените живеат подолго од мажите. Со оглед на тоа што тие и порано се пензионираат, периодот на користење на пензијата е подолг во однос на мажите, па според тоа и износот на пензијата е понизок.
Пензијата се пресметува во месечен износ од акумулираните средства на индивидуалната сметка на членот.
- Кои се начините на исплата на пензиите од вториот столб
Месечната исплата на пензијата од вториот столб е единствено можна на еден од следниве начини:
– Доживотни програмирани повлекувања, исплатувани од пензиско друштво.
– Доживотни пензиски ануитети, исплатувани од компанија за животно осигурување.
– Комбинација на привремени програмирани повлекувања и доживотен одложен ануитет исплатувани од пензиско друштво и компанија за животно осигурување.
- Во кој случај средствата од вториот столб можат да се исплатат еднократно
Еднократна исплата на средствата од вториот столб е единствено можна доколку осигуреникот не оствари најмалку 15 години пензиски стаж. Тогаш, по навршувањето возраст од 65 години, поднесува барање за еднократна исплата на акумулираните средства од неговата индивидуална сметка.
- Право на инвалидска и семејна пензија
Членовите на двостолбниот пензиски систем можат да се стекнат со право на исплата на програмирани повлекувања и во случај на семејна или инвалидска пензија. По доставени податоци од Фондот на ПИОСМ, пензиското друштво прави пресметка за износот на програмираното повлекување. Доколку износот на програмираното повлекување е повисок од пресметаната пензија од Фондот на ПИОСМ, тогаш членот може да одбере дали средствата од индивидуалната сметка ќе ги задржи и ќе почне исплата на програмирани повлекувања или, пак, средствата ќе се вратат назад во Фондот на ПИОСМ и Фондот на ПИОСМ почнува со исплата на семејна или инвалидска пензија.
- Право на најнизок износ на пензија
Правото на најнизок износ на пензија е право загарантирано со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Пензиското друштво, односно компанијата за животно осигурување, проверуваат дали збирот од пензијата од првиот и вториот столб е под законски утврдениот износ на минимална пензија и, доколку е така, вршат доплата до минимална пензија од индивидуалната сметка на членот. Исплатата на пензијата од вториот столб и доплатата до минимална пензија се врши сè додека има средства на сметката, а по искористување на средствата прекинува исплатата од вториот столб. Понатаму, Фондот на ПИОСМ продолжува со исплата на најнискиот износ на пензија.
Напишано од Виолета Савин Инѓиќ
Авторот на текстот е овластен актуар и е дел од Секторот за актуарски работи. Одговорна е за пресметка на програмираните повлекувања од Задолжителниот и Доброволниот пензиски фонд и проверка на ликвидноста на фондовите на квартално и годишно ниво. Активно учествува во анализи поврзани со пензискиот систем.
Извор: КБ ПРВО ПЕНЗИСКО ДРУШТВО