Курсот е единствен од ваков тип кај нас, содржи повеќе од 13 часа снимен материјал- 124 видеолекции на македонски јазик и чини 700 евра, но корисниците го добиваат бесплатно.
Првиот акредитиран практичен ИТ-факултет кај нас, Бреинстер Некст колеџ, бесплатно го нуди онлајн курсот Математика во „Пајтон“ за да ги поттикне учениците да ја искористат моќта на програмирањето при справувањето со математичките предизвици, но и да им помогне да ги подобрат математичките вештини и способностите за решавање проблеми.
Курсот е единствен од ваков тип кај нас, содржи повеќе од 13 часа снимен материјал- 124 видеолекции на македонски јазик во кои се обработуваат повеќе математички области со помош на најпознатиот програмски јазик „Пајтон“ (Python), а го креира Петар Јолакоски, професор на факултетот и помлад истражувач во Центарот за компјутерски науки и информатички технологии во МАНУ.
Тој е наменет за средношколци, за сите што имаат основно разбирање од математиката стекнато во средно образование, но и за оние што сакаат да го користат „Пајтон“ како алатка за продлабочување на нивното разбирање на математички концепти. Дизајниран е за почетници кои сакаат да учат математика и програмирање истовремено, но и за оние што веќе имаат одредено математичко знаење и сакаат да ги подобрат своите вештини со помош на „Пајтон“.
„Овој програмски јазик им овозможува на луѓето да ги надминат границите на традиционалното математичко образование преку можноста за експериментирање. Тој нуди основа каде што математичките идеи оживуваат преку визуализација, интерактивни симулации и динамични истражувања. Со ова се овозможува истражување, анализирање и изразување математички концепти во опиплива форма“, вели Јолакоски.
Што стекнуваат сите што ќе го поминат курсот? Ќе развијат солидна основа за математички концепти и методи, а ќе се стекнат и со вештини во алгебра, калкулус, линеарна алгебра и веројатност – потребните математички вештини за понатамошни студии во STEM (Science, Technology, Engineering & Mathematics) областите.
Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), кој на своите студенти им овозможува современа практична настава преку индивидуален пристап, учење од професори експерти од индустријата, работа на реални проекти, учество на хакатони, е во постојана потрага по нови образовни иницијативи што го откриваат целосниот потенцијал на студентите. Така се родила и идејата за овој иновативен курс, кој чини 700 евра, но факултетот го дава бесплатно. Според факултетот, квалитетното образование треба да биде достапно за сите и иновативните пристапи за учење можат значително да влијаат врз успехот на учениците и студентите.
„Со овој бесплатен курс сакаме студентите да стекнат вредни математички вештини додека го негуваат нивниот интерес за технологијата и страст за учење“, вели Александар Клашниновски, генерален менаџер на факултетот.
Инспирацијата да го создадат курсот Математика во „Пајтон“ ја добиле од првата генерација студенти на студиската насока Софтверско инженерство и иновации бидејќи забележале дека предметот Линеарна алгебра им бил најтежок и со најмала проодност, а вакви информации добиле и од студенти што студираат на другите технички факултети.
„Затоа решивме да креираме курс што на идните студенти, како и на сите што се заинтересирани за тоа како математиката е поврзана со ИТ, на интересен и целосно практичен начин да им помогнеме да научат како математичките принципи директно да ги имплементираат во програмски јазик. Така, не само што подобро ќе се подготват за ваков предмет во иднина, туку и ќе откријат како математичката логика им помага да бидат подобри програмери и софтверски инженери“, вели Клашниновски.
Овој курс ќе се користи и како подготвителна програма за сите запишани студенти на факултетот, чии уписи се во тек. Сите заинтересирани за курсот потребно е само да се регистрираат на платформата https://platform.next.edu.mk/ и бесплатно да почнат да учат.
ПР Објава