Кампирањето како стил на поминување на годишниот одмор, секогаш има приврзаници, а бројот на граѓаните кои планираат годишниот одмор да го поминат кампирајќи во авто-камовите кои постојат кај нас не е занемарлив. Порталот „Пари“ ги истражи цените и основните услови за кампирање во некои од најпосетувани кампови во Македонија и тоа според критериумите за престој во нив за двајца или за четиричлено семејство, во шатор или во приколка, како и опцијата за изнајмување на некој од сместувачките капацитети кои ги нудат камповите.
Иако еден дел од некогаш популарните кампови за домашните (и странски) посетители и кампери крај Охридското, Преспанското и Дојранското езеро се затворени или работат со намален капацитет и се нереновирани, останатите, според содржините кои ги нудат, како и според цените на услугите, пружат релативно добри и финансиски прифатливи услови за камперски летен одмор.
Камповите крај Охридското езеро, кои се и најбројни, се застапени и на струшкиот и на охридскиот дел од езерското крајбрежје. Во автокампот Љубаништа, едно од најпосетуваните камперски локации, локација за шатор за две лица до 10 јули чини 700, а потоа е 800 денари дневно, се до 31 август. Локација на сопствен шатор за четири лица до 10 јули е 1000 денари дневно, потоа се наголемува на 1200 денари. Локација на приколка до 10 јули ќе ве чини 1000 денари дневно, а во периодот на висока сезона е 1400 денари. Изнајмување на приколка за викенд чини 1400, односно 1600 денари дневно во повисоката сезона.
Во авто-кампот Љубаништа може да се изнајмат и бунгалови. За престој до два дена тоа ќе ве чини 4500 односно 5000, а ако се одлучите за подолг престој, цената изнесува 4200, односно 4800 во периодот од 11 јули до 31 август.
Кампинг Скаут Струга е целосно обновен и опремен камп, лоциран е на пошумена површина од 6.500 м2 на работ на градот Струга на брегот на Охридското Езеро, на само 500 метри од центарот на градот, 400 метри од главниот зелен пазар, и со 5 различни плажи на радиус од 500 метри. Според сајтот на кампот, цените не се смениле во однос на лани, па така поставување на сопствен шатор се плаќа по 180 денари дневно, сместувањето во него е по 300 денари од човек, за деца до 12 години се плаќа по 120 денари, дневно, додека од 840 до 1.320 денари се движи поставување на приколки, во зависност од нивната големина. Приклучок за струја чини 120 денари дневно, паркинг на возило 120. Кампот нуди и сместување во нивни објекти. Изнајмувањето на двокреветна соба чини 1.320 денари, на трокреветна 1.440, а на четирикреветна – 1.560 денари. Изнајмување на куќичка на дрво со два кревета чини 1.320 денари.
Во селото Калишта блиску до Струга има дури три помали кампа, кои нудат простор за сместување во сопствени шатори, приколки или трејлери. Тоа се Кампинг Рино, Кампинг Лејксајд и Кампинг Санрајз. На телефонот оставен за контакт на кампот Рино добивме информација дека поставување на шатор ќе ве чини 10 евра дневно, а приколка или трејлер пет евра повеќе односно 15 евра од ден, независно за колку лица се работи.
Кампинг Лејксајд наплатува по 12 евра од ден за поставување на шатор за двајца, а во цената е вклучено и користење на струја. Истата сума ќе ја платите и ако дојдете да поставите трејлер или камп-приколка, со тоа што домаќините напоменуваат дека имаат ограничен простор и главно работат со резервации од странство, па во висока сезона може да се случи и да нема слободни места. За возило се наплатува по пет евра од ден.
На сајтот на Кампинг Санрајз во Калишта стои дека за шатор, возило, мотор се наплатува по пет евра дневно и истата таа сума за човек, додека пак за приколка или трејлер со две лица ќе платите по 15 евра дневно, додека за трет возрасен се доплаќа по пет евра на ден.
Од другата страна на Галичица, сместување во камп се нуди во автокампот Отешево. Цената за НОЌЕВАЊЕ во бунгалов-куќичка изнесува 1580 денари; За престој од 4 до 8 денови цената е 1380 денари. За престој од 9 до 15 денови цената е 1280 денари. За престој од 16 до 21 денови цената е 1180 денари, информира управата на кампот.
Кампот Партизан во Стар Дојран овозможува кампирање во сопствени шатори, приколки, како и во бунгалови кои се изнајмуваат. За сместување во сопствен помал шатор се плаќа 300 денари, за поголем шатор се плаќа 500 од ноќевање, додека за поставување на приколка се наплатува по 600 денари од ноќ. Во бунгаловите, кои се за четири лица, се плаќа наем од 1500 денари дневно, со користење на кујна, купатило и еркондишн. За возило не се доплаќа.
Југослава Дуковска