ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА НА ПАЗАРОТ НА ТРУД: Секој четврт вработен е на „ДРЖАВНИ ЈАСЛИ“, најмногу се бараат трговци

    Време зa читање: 4 минути

    Во првиот квартал од годинава во Македонија имало 683.242 вработени, покажува Анкетата на работната сила што ја објави Државниот завод за статистика. Од оваа бројка, што ги опфаќа и формално и неформално вработените, во приватниот сектор се 507.000 вработени, а во државен, или, пак, во друштва со мешовита сопственост, има 176.242 вработени, што значи дека секој четврт вработен е на „државни јасли“. По сектори, пак, најмногу вработени има во преработувачката индустрија, потоа е трговијата, а наредните три места се резервирани за одбраната, здравството и образованието.

    ТОП 5 СЕКТОРИ по број на вработени во првиот квартал

    СекторВработени
    Преработувачка индустрија132.922
    Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли114.052
    Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување53.296
    Дејности на здравствена и социјална заштита52.702
    Образование45.170

    Извор: Државен завод за статистика.

    Статистичарите информираа дека ова е прва анкета според новата методологија, согласно со директивите од ЕУ, и дека не е споредлива со претходните. Анкетата за работна сила ја мери економската активност на населението во период на набљудување од една недела. Според дефиницијата, вработени се лица на возраст од 15 до 89 години, кои во референтната недела работеле најмалку еден час за плата или надоместок во пари или во натура, вклучително и неплатено помагање на членовите на семејството. Според тоа, потенцираат статистичарите, како вработено лице може да се класифицира и пензионер, домаќинка, студент или лице кое не е формално вработено. Во ова група се и оние што се на породилно отсуство, вработени што се на боледување, или вработени што од други причини се привремено отсутни.

    ЕУ ГИ КРЕНА ГРАНИЦИТЕ НА РАБОТОСПОСОБНО НАСЕЛЕНИЕ ДО 89 ГОДИНИ

    Европските директиви ги подигнаа границите за опсервација на работоспособно население, па сега тие се од 15 до 89 години. Според Анкетата, такво население во Македонија во првиот квартал од годинава имало 1.513.786, а од нив активното население брои 787.645 жители, од кои 683.242 се вработени. Сепак, стапка на невработеност не се пресметува за лицата до 89 години, туку Анкетата нуди две пресметки: една за стапка на невработеност на лица од 15 до 74 години, и таа е 13,4 проценти, и друга е стапка на невработеност на лица од 15 до 64 години, и таа е 13,3 проценти.

    Податоците покажуваат дека стапката на активност на населението од 15 до 89 години е 52 проценти. Но, она што би било пореална стапка за анализа е активноста на населението од 15 до 64 години, а таа е 65,2 проценти, при што кај мажите е 76 проценти, а кај жените е значително помалку и е 54,4 проценти. Голем расчекор има и во однос на вработувањата кај жените и кај мажите. Вработени мажи се 395.090, а жени 288.152, иако има поголем број на работоспособни жени од мажи. Но, бидејќи бројот на активни жени е помал, и стапката на невработеност кај нив е помала.

    МажиЖени
    Работоспособни (15 – 89)744.363769.423
    Активно население (15 – 89)461.677325.968
    Вработени (15 – 89)395.090288.152
    Стапка на невработеност (15 – 64)14,6 %11,7 %

    Извор: Државен завод за статистика

    КАДЕ ДА БАРААТ РАБОТА НЕВРАБОТЕНИТЕ?

    Според Анкетата на работна сила, во првиот квартал од годинава имало 104.403 невработени на возраст од 15 до 74 години. Овој податок е сличен на последниот податок од Агенцијата за вработување за април, според кој во државава како активни баратели на работа се пријавени 107.588 луѓе. На пазарот на труд, пак, редовно има од 7.000 до 10.000 слободни работни места и Агенцијата постојано ги ажурира. Во моментот додека се пишува овој текст има 7.747 слободни работни места, а најмногу се бараат работници во трговијата – 1.656,  речиси исто толку – 1.652 вработувања нуди преработувачката индустрија. Потоа се градежништвото, угостителството и транспортот.

    ТОП 5 дејности по слободни работни места

    ДејностСлободни работни места
    Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли1.656
    Преработувачка индустрија1.652
    Градежништво978
    Објекти за сместување и сервисни дејности со храна967
    Транспорт и складирање671

    Лектор: Христина Ангелеска

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично