Позитивен финансиски резултат оствари Цементарница „Усје“ АД Скопје во првите три месеци од годинава. Консолидираната нето добивка во износ од 192.609.000 денари, односно 3,12 милиони евра, е значително поголема од ланската во периодот јануари – март, кога била 102,3 илјади евра (6.311.000 денари).
Притоа, вкупните приходи се 18,33 милиони евра (1.130.976.000 денари) и се над реализираните во споредбениот период од 14,67 милиони евра (905.314.000 денари). Најголемиот дел од нив, 70 проценти, потекнуваат од домашниот пазар – 792.835.000 денари или 12,85 милиони евра. Минатата година во истиот квартал тие резултати бие 10,98 милиони евра (677.624.000 денари). Приливот од странските пазари е 5,48 милиони евра (338.141.000 денари) и е поголем од периодот со кој се споредува – 3,69 милиони евра (227.690.000 денари).
„Усје“ речиси седум децении произведува цемент и други градежни материјали. Членка е на Групацијата „Титан“. Се вбројува меѓу најголемите компании во земјата, која вработува повеќе од 250 лица. Управува со три рудници, а производите, освен на домашниот, ги пласира и во Албанија, на Косово и Бугарија.