Германската „Лутфханза“ и унгарскиот „Визер“ воведуваат нови авиолинии – до Германија, Луксембург, Австрија и Словенија. Ова е исходот од владиниот повик за субвенционирано воспоставување нови летови кој заврши на 31 март, а е оценет како успешен од премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт и врски, Благоја Бочварски.
Почнувајќи од 23 месецов, „Луфтханза“ ќе има десет лета неделно од Скопје до Франкфурт.
„Сметаме дека е од големо значење за државата, но и граѓаните оти аеродромот во Франкфурт е еден од најголемите во Европа и поврзува со двеста меѓународни дестинации“, наведе Ковачевски. Со „Визер“ патниците од Скопје ќе летаат на четири нови релации – до Штутгард, Луксембург, Салцбург и до Љубљана. До овие дестинации се планирани три летови во неделата, а ќе стартуваат од први ноември оваа година.
Како што посочи министерот Бочварски, финансиската поддршка авиокомпаниите ја добиваат за период од три години. Се работи за вкупен износ од пет милиони евра. Во буџетот на ресорното Министерство за транспорт и врски за годинава се веќе предвидено 1,1 милион евра за оваа намена. Поддршката, пак, изнесува седум евра во денарска противвредност по патник во заминување, превезен од Меѓународен аеродром Скопје, појасни министерот. Притоа додаде дека за субвенционираните дестинации, и по истекот на тригодишниот рок, авиопревозниците имаат обврска да продолжат да оперираат на линиите. Односно, и во наредните три години. Во спротивно, ќе мора да го вратат целиот износ што ги добиле како финансиска поддршка.
Со воспоставувањето на петте нови авиолинии, од Меѓународниот аеродром Скопје ќе може да се патува до 46 одредишта во светот.