Аутомакедонија АД Скопје бележи позитивен финансиски резултат од работењето во 2022 година. Реализираните активности донеле добивка од 405,7 илјади евра (25 милиони денари), што е за 79 насто повеќе во споредба со 2021 година.
Освен растот во делот на финансиските приходи од вложувања, кои се 292,1 илјади евра (18 милиони денари) наспроти износот од 194,7 илјади евра (12 милиони денари) во 2021, зголемувањето на нето добивката се должи и на 45-процентното натфрлување кај оперативната добивка. Кое, пак, произлегува од намалувањето на оперативните трошоци за пет и на оперативните приходи за четири отсто. Но, со зголемена бруто маржа од редовното работење за осум проценти во однос на 2021 година.
Билансот на состојбата, посочуваат од Аутомакедонија, бележи оптимизација преку структурно поставување и сегментирање на залихата, која е зголемена за 37 насто, што во најголем дел произлегува од сегментот стопански возила. Освен тоа, зголемени се обврските за краткорочните, а намалени се за долгорочните кредити за 31 процент. Намалување од 15 отсто е евидентирано и кај обврските кон добавувачите.
Целосната оптимизација придонела за пораст на капиталот за седум проценти и за позитивен паричен тек. Сепак, Друштвото во 2022 година не исплатило дивиденда.