Од Гранит АД Скопје преку соопштение на Македонска берза информираат дека Членови на Управниот одбор и Надзорниот одбор на компанијата се стекнаа со акции од издавачот на хартии од вредност друштвото Гранит.
Станува збор за Зоран Милковски, Виолета Божиновска и Катерина Ѓердовска кои купија акции од компанијата, и со тоа го зголемија својот акционерски капитал. Македонска Берза извести дека, согласно член 34 од правилата за котација, дел од членовите на Управниот одбор и Надзорниот одбор на ГД Гранит АД Скопје се стекнале со акции од издавачот на хартии од вредност друштвото ГД Гранит АД Скопје и тоа:
- Зоран Милковски – член на Управен одбор се стекна со 7.077 обични акции
- Катерина Ѓердовска – член на Управен одбор се стекна со 778 обични акции
- Виолета Божиновска – член на Надзорен одбор се стекна со 926 обични акции
Како што пишувавме месецов, оваа тројка, во континуитет го зголемува својот капитал во Гранит.
На 18 октомври се реализирала блок трансакција, во која поминале 0,2 отсто од акциите на „Гранит“ или 6.280 акции, по цена од 1.450 денари за акција, што е вкупна сума на трансакцијата од 9,1 милиони денари или 148 илјади евра. Вчера, пак, со акциите на „Гранит“ се реализираше уште една блок трансакција, во која беа купени 1,41 отсто од акциите на компанијата. Како што соопшти Берзата, цената по која се продала една акција изнесувала 1.450 денари, или за купени 43.200 акции, биле платени 62,6 милиони денари, односно нешто повеќе од еден милион евра.
Со акциите на „Гранит“ се тргуваше и на класичниот пазар, каде поминаа 546 акции на компанијата, по просечна цена од 1.362 денари за акција, што значи дека беа продадени акции за околу 12 илјади евра.
Пред неколку дена „Пари“ пишуваше дека најголемиот акционер на „Гранит“, Сава Пензиско Друштво АД Скопје кој поседуваше 230,563 обични акции од издавачот на хартии од вредност ГД Гранит АД Скопје (8,32% од акциите со право на глас), а во сопственост на Отворен задолжителен пензиски фонд САВА ПЕНЗИСКИ ФОНД, ги продаде своите акции издадени од ГД Гранит АД Скопје, во вредност од над 5,5 милиони евра.
Акциите биле продадени на јавната берзанска аукција одржана на ден 12.10.2022 година. Продажбата на акциите се одвивала по модел „се или ништо“. Договорената цена по која се продадени акциите изнесува 1450 денари по акција. Тоа значи дека на сметката на Сава Пензиско Друштво легнале 342 374 000,00 денари или над 5,5 милиони евра.
Како што е познато, акциите на најголемата градежна компанија во Македонија – „Гранит“ е една од најбараните акции на нашиот пазар на капитал. Можеби една од причините е ниската цена на акцијата и редовноста низ годините наназад да исплаќа дивиденда на своите акционери. Акцијата на Гранит е составен дел од берзанскиот индекс МБИ -10.