ПОВЕЌЕ

    АНАЛИЗА: Како Европа најлесно да се „спаси“ од зависноста од рускиот гас?

    Време зa читање: 4 минути

    Европскиот план за запирање на увозот на гас од Русија, познат како „REPowerEU“, треба да обезбеди пристап до неруски природен гас, а истовремено да го реализира Европскиот Зелен Договор и пакетот „Fit for 55“ за намалување на емисиите на стакленички гасови во Европа до 2030 година.

    Анализата на Еуроактив за европските планови за напуштање на зависноста од рускиот гас, меѓу другото, стои дека Европа сака да изгради нова инфраструктура за увоз на течен природен гас (ЛНГ), да купува гас од извозници како САД и да ги координира купувањата меѓу европските фирми за да избегне непотребна конкуренција што ги зголемува цените. Европа сака дополнителни 50 милијарди кубни метри ЛНГ за да ги надомести 155 милијарди кубни метри руски гас увезени во 2021 година.

    Обезбедувањето на 50 милијарди кубни метри ЛНГ е голем потфат. Глобалниот пазар на ЛНГ беше 523 милијарди во 2021 година, а Европа увезе 108 млд.кубни метри (вклучувајќи ги Обединетото Кралство и Турција). Комбинираниот увоз на ЛНГ на Пакистан, Тајланд, Бангладеш, Индонезија, Сингапур и Малезија изнесуваше 40 милијарди кубни метри во 2021 година. Северна и Јужна Америка заедно увезоа 26 млд.кубни метри. Купувањето 50 милијарди кубни метри ЛНГ од постоечкиот систем не е тривијална работа.

    Се очекува проширување на производството на ЛНГ до 2026 година, при што САД и Катар се главни центри за раст. Но, има и проекти чие завршување може да биде бавно, вклучувајќи го и европскиот број два снабдувач со ЛНГ – Русија. На глобално ниво расте и побарувачката за ЛНГ:она што сега се произведува, веќе се продава во земји надвор од европскиот контитент. Дополнителната побарувачка од Европа може да ги поттикне земјите во Азија, ако не можат да се снабдат со течен гас, да се свртат кон јаглен, што би било климатска катастрофа, се вели во анализата на Еуроактив.

    На европскиот гасен систем, пак, му треба поголем увоз. Европското производство беше 87 милијарди кубни метри во 2020 година, ако го вклучиме Обединетото Кралство, и е покусо за осум милијарди кубни метри годишно. До 2030 година, дел од дополнителниот гас што Европа сака да го обезбеди ќе го надомести падот на домашното производство. Дури откако ќе се покрие таа загуба, Европа навистина може да зборува за замена на рускиот гас.

    Европа планира да купува ЛНГ до 2030 година, што е премногу краток период. Потребни се четири години за да се додаде понудата, а на инвеститорите им се потребни 15 до 20 години за да си ги вратат парите. Европа може да поддржи инвестиции под одредени услови: примателите мора да се усогласат со строгите стандарди за мониторинг, известување и верификација за емисиите, а проектите треба да покажат начин да не се „заклучуваат“ емисиите. До средината на 2030-тите, потребата на Европа за гас воопшто, а особено за ЛНГ на САД, треба да се намали. Во тој момент, американскиот ЛНГ би можел да најде нов дом во Азија. Азија е најголемиот пазар за ЛНГ, но исто така е и најголем потрошувач на јаглен.

    Ако американскиот ЛНГ се произведува според највисоките еколошки спецификации – без истекување на метан долж производниот синџир – има јасна корист од потрошувачката на ЛНГ наместо јаглен. Во 2030-тите и 2040-тите, флотата на термоцентрали на јаглен во Азија исто така ќе биде постара и полесна за пензионирање доколку има алтернативи. На тој начин, американскиот ЛНГ би можел да помогне во поместувањето на јагленот во Азија.

    Европа би можела да пронајде ново снабдување со ЛНГ со краток век на траење. Полето за гас во Кипар, Афродита, би можело да произведува ЛНГ за неколку години и да биде исцрпено за една деценија. Овој проект не претставува никаква закана за климатската стратегија на Европа. Или Европа би можела да користи модели на јавно-приватно партнерство за преземање средства по одреден период, освен ако овие средства можат да работат на начини кои се во согласност со пазарната и климатската реалност.

    Енергетската безбедност и декарбонизацијата не се меѓусебно спротиставени, заклучува анализата на Еуроактив. Европа со години ќе користеше руски гас. Сега, овој гас ќе доаѓа од друго место.  Со својата куповна и финансиска моќ, Европа може да обезбеди гасот да се произведува со највисоки еколошки стандарди и без заклучување на емисиите. Ако не го направи тоа, Европа би можела да го втурне светот во иста онаква криза од која сега се обидува да избега.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично