Нашата елка оваа година беше преполна со љубов, топлина и со најубави желби, кои непосредно пред Нова Година ги испративме до 365 дечиња во земјава. Им посакавме 365 дена во годината да имаат здравје, среќа, радости и безгрижни детски мигови.
Традиционалната новогодишната мисија на Комерцијална банка, чија цел е да ги изненади и израдува дечињата, и овој пат се реализираше благодарение на хуманоста и дарежливоста на вработените. Тие обезбедија новогодишни пактечиња, кои Банката ги донираше на училишта, здруженија и организации кои се грижат за деца, пред сѐ, од социјално ранливи категории.
Пакетчињата од Комерцијална банка им донесоа празнична радост на дечињата во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје – Дневен центар за лица со ментална и телесна попреченост и Дневен центар за деца со аутизам, потоа во основните училишта „Иднина“ и „Кикиш“ за ученици со попреченост и, секако, на дечињата во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари во Скопје. Радоста ја раширивме и во Здружението на самохрани родители „Надеж“ од Неготино, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство и во Здружението САНО за помош на деца болни од канцер.
Нашите срца се исполнети со топлина затоа што веруваме дека и овој наш мал придонес е доволно голем за да донесе среќа и радост на детските лица бидејќи тие заслужуваат безгрижно детство. Комерцијална банка продолжува преку своите општествено одговорни практики да придонесува за поквалитетен и похуман свет.