Кинескиот производител на премиум електрични автомобили, „Nio“, во текот на викендот го претстави новиот луксузен електричен седан „ET5“.
„Nio ET5“ ќе се натпреварува на пазарот со возила како „Tesla Model 3“, но и со други премиум електрични седани, како што е „BMW i4“.
„ET5“ во голема мера се потпира на „Nio ET7“ (воведен претходно оваа година како конкурент на „Model S“ на „Tesla“), со карактеристичен надворешен и внатрешен дизајн.
Доколку зборуваме за димензиите, должината на „ET5“ е 4.790 mm, ширина од 1.960 mm, а висината е 1.499 mm, додека меѓуоскиното растојание е 2.888 mm. Тоа значи дека е за нијанса поголем од ривалот од „Tesla“.
Новиот кинески електричен седан е придвижуван од два електромотори, од кои предниот произведува 50 kW, а задниот 210 kW.
Комбинираната моќност на погонскиот систем е 360 kW/490 ks, а максималниот вртежен момент е 700 Nm.
Според производителот, „ET5“ може да забрза од нула до 100 km/h за само 4,3 секунди, додека застанувањето од 100 km/h трае 33,9 метри.
Во однос на автономијата во возењето, според кинескиот стандард за тестирање на лесни возила (CLTC), „ET5“ може да помине преку 550 km со стандардна батерија од 75 kWh, повеќе од 700 km со средна батерија од 100 kWh и над 1.000 km со најголемата батерија со капацитет од 150 kWh.
„Nio ET5“ ќе пристигне во кинеските салони во септември 2022-ра година по цена од околу 51.500 долари, без субвенции.
Иако „Nio“ не прецизираше кога ќе започне продажбата на ова возило на пазарите надвор од Кина, производителот потврди дека автомобилот е дизајниран да ги исполни безбедносните стандарди „C-NCAP“ (кинески) и „EuroNCAP“ (европски) со максимални пет ѕвезди.