Нашиот пристап не е кои се проблемите, туку, кои се успешните приказни, кои се факторите и кои се најдобрите практики за успех, за меѓународно конкурентна и профитабилна компанија, која е општествено одговорна и дава придонес во општеството. Преку изнесување на позитивни домашни и странски успешни примери, ние сакаме да го зголемиме ентузијазмот и мотивираноста и да створиме менаџери/претприемачи кои се подготвени да се справат со секаков предизвик, вели во интервјуто за МКД.мк Глигор Бишев, генерален извршен директор на „Шпаркасе банка“ АД Скопје.
Бишев волонтерски ја извршува и улогата на претседател на Совет за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Македонија.
Тој како ментор на Програмата за менаџери претприемништво и лидерство вели дека на овие предавања ќе се зборува за перспективите за иновации, знаења и развој на нови услуги и институции кои се од директна корист за компаниите. Обуката почнува на 9 декември, а ќе трае до почетокот на јуни 2022 година. Предавачи се 30-тина реномирани претставници од бизнис секторот, академската и научната фела кои ќе пренесат практични искуства.
Осумте модули од оваа Програма треба да го поткрепат слушателот со една општа менаџерска култура која треба да ја има современиот менаџер. Слушателите ќе се стекнат со знаење и вештини потребни за секојдневното тековно работење на компанијата.
Кој е проблемот со македонското образование па вие како Стопанска комора преземате вакви активности за среден менаџмент од големи и средно-големи компании?
-Во современиот свет знаењето се повеќе станува апликативно. Уште повеќе, во програмите за високо образование како составен дел на образованието се повеќе се вклучува практичната работа. Гледано од тој аспект она што го прави Стопанската комора на Северна Македонија е во согласност со трендовите во високото образование и светските практики. Акцентот на овие програми е вработените кои се стекнале со искуство во работењето во компаниите и стигнале до одредено ниво во развојот на кариерата да се стекнат со знаење на практичните аспекти во водењето на компаниите, бизнисите, носењето на одлуки, лидерските вештини, работењето под стрес, водењето на преговори и сл.. Тоа се исклучително важни аспекти за водење на успешен бизнис, за зголемена конкурентност на македонските компании. Комората користејќи ги ресурсите на голем број успешни бизнисмени и компании, исто така и на академски експерти, сака да го пренесе искуството, вештините за водење на бизнис и на тој начин даде придонес во стварањето на идните лидери што ќе го водат бизнисот во Македонија и ќе се натпреваруваат на светската бизнис сцена.
Зборуваме за унапредување на вештините на високообразовните кадри во согласност со потребите на бизнисот. Ова го детектиравте како проблем во високото образование?
-Како што претходно истакнав, цел на овие обуки се пренесувањето на најдобрите практики во водењето на бизнисите и стварање на нови лидери што ќе ја водат македонската економија во идниот период. Пренесување на меките лидерски вешти. Гледано од тој аспект, стекнатото знаење на универзитетите и практичното искуство е предуслов за учество на овие обуки. Високото образование и стекнувањето лидерски вештини се комплементарни процеси, кои се надополнуваат. Работејќи заедно, високо-образовните институции и Комората, преку пренесувањето на најдобрите бизнис практики, ќе дадеме најдобар придонес за развојот на претприемничкиот дух кај младите генерации, генерации што се подготвени да преземат прифатлив ризик, развијат нови конкурентни бизниси и ја динамизираат македонската економија. На тој план очекувам врската помеѓу високо-образовните институции, Комората и приватниот сектор се повеќе да јакне и да се проширува.
Кои се проблемите со кои се соочуваат македонските менаџери во секојдневното работење во Македонија?
-Ние се определивме да ги земеме успешните примери, да одиме со позитивен пристап. Нашиот пристап не е кои се проблемите, туку, кои се успешните приказни, кои се факторите и кои се најдобрите практики за успех, за меѓународно конкурентна и профитабилна компанија, која е општествено одговорна и дава придонес во општеството. Преку изнесување на позитивни домашни и странски успешни примери, ние сакаме да го зголемиме ентузијазмот и мотивираноста и да створиме менаџери/претприемачи кои се подготвени да се справат со секаков предизвик. Впрочем една од дефинициите за менаџер е вработен што ја дефинира стратегијата, истата ја реализира и ги решава проблемите.
ПРОДОЛЖИ СО ЧИТАЊЕ: Целото интервју на МКД.мк