ПОВЕЌЕ

    10 најголеми државни загубари во “дупка” 50 милиони евра, на врвот ЕСМ

    Време зa читање: 6 минути

    Со загуба од 1.033.100.724 денари (околу 16,8 милиони евра), направена во 2020 година, државната компанија која го раководи домашното производство на струја – Електростопанство на Македонија (ЕСМ) е најголемиот загубар меѓу државните компании и јавните претпријатија. Порталот Pari.com.mk во соработка со БизнисМрежа.мк ја анализираше профитабилноста на компаниите од државниот сектор, а податоците се запрепастувачки – долга листа на загубари и тоа од најсуштествените дејности – енергетика, транспорт, навигација, национална шума, паркинизи…

    Само првите 5 најголеми загубари од државниот сектор– енергетските компании за производство на струја и за високонапонската мрежа ЕСМ и МЕПСО, потоа двете компании од железничкиот сообраќај Железница – Инфраструктура и Железница – Транспорт и АД за услуги во воздухопловна навигација М-НАВ направиле вкупна загуба од 47,8 милиони евра.

    Она што е опасно за загубите на компаниите од државниот и од јавниот сектор што тие директно преку цената, или индиректно преку услугите, удираат по грбот на народот.

    Државната компанија ЕСМ е рекордер не само по загубите, туку и по бројот на вработени, по направените приходи, но и по направените расходи. Компанијата има дури 4.802 вработени, а во 2020 година реализирала приход од 12.015.429.364 денари (околу 195,4 милиони евра) и расход од 13.048.530.088 денари (околу 212,2 милиони евра). Финасиските резултати на ЕСМ ги засегаат сите граѓани.  Според законската регулатива, ЕСМ има обврска да задоволи 70 отсто од потребите со струја на универзалниот снабдувач „ЕВН хоум“ преку кој сега се снабдува населението со електрична енергија. ЕСМ својата цена за мегават-час електрична енергија ја соопштува на тендер. Од тоа каква бројка ќе каже во најголем дел зависи крајната цена на електричната енергија. Одлука за нова цена на струја ќе има на крајот од јули, а таа ќе важи од 1 август. Деновиве, претседателот на Регулаторната комисија на енергетика Марко Бислимоски објасни дека цената на ЕСМ во актуелната цена на електрична енергија учествува со 48,8 проценти.

    Застрашувачкиот минус во работењето на компанијта го наметнува прашањето: зошто е тоа така? Официјалните податоци на ЕСМ зборуват дека домашнотот производство на електрична енергија во континуитет опаѓа. Така, во 2006 година кога ЕСМ (тогашно ЕЛЕМ) се издвои како посебна компанија која управува со производството на струја од останатите енергетски делови – високонапонска мрежа и дистрибуција, се произвеле 6.195,8 гигават-часа електрична енергија, а во 2019 година (последен годишен извештај објавен од страна на компанијата) производството било 4.231,7 гигават-часа електрична енергија. Намалувањето на производството, според познавачите на енергетскиот сектор, е резултатат на намалувањето на количините, но и на квалитетот на лигнитот за термоелктраните и на ремонтите во РЕК „Битола“ која произведува околу 75 отсто од домашната струја. Тоа намалување пак, директно влијае врз приходната страна на компанијата. На расходната страна влијаат сите трошоци чија оправданост често се става под знак прашалник. На пример, често се зборува за тоа дека енергетските компании се превработени. Податоците на ЕСМ зборуваат дека во 2007 година, компанијата имала 3.910 вработени, или 910 вработени помалку отколку што имала во 2020 година. Сите овие податоци на крај резултираат со прикажаната загуба.

    Втор на листата по загуби меѓу државните загубари е Македонски железници – Транспорт. Компанијата која е задолжена за железнички превоз има 855 вработени, во 2020 година остварила приход 1.235.865.115 денари (околу 20 милиони евра), но расходите биле 1.620.640.899 денари (околу 26,3 милионие евра) со што се генерирала загуба од 6,3 милиони евра.

    Проблемите во Железница се долгогодишни и владите со години најавуваа приватизирање на желеничкиот транспорт, но се остана само на најави. Загубите се рефлектираат директно врз услугите што ги нуди Железницата. Возовите имаат просечна старост од 50 години.  Граѓаните зимно време се жалат на греењето, летно време најчести поплаки се за ладењето. Бизнис заедницата исто така, со години бара поефикасен товарен железнички сообраќај. Податоците покажуваат дека во 2008 година преку Железницата се превезле 4,2 милиони тони стока, а во 2020 година само 1,7 милиони тони стока.

    Трета на листата на загубари комплетирана од државни и јавни претпријатија во 2020 година се најде АД за услуги во воздухопловна навигација М-НАВ со загуба од 358.297.189 денари (5,8 милиони евра). Приходите на компанијата биле 487.393.443 денари ( речиси 8 милиони евра), а расходите 845.690.632 денари (13,8 милиони евра). Но, загубата на М-НАВ е очигледна, односно е резултат на пандемијата која речиси го запре воздушниот сообраќај.

    Четвртото место повторно е резервирано за компанија од енергетскиот сектор. Сега тоа е компанијата одговорна за високонапонската мрежа, односно АД за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем (МЕПСО). Оваа компанија во државна сопственост, лани направила загуба од 357.855.501 денар (5,8 милиони евра). Компанијата остварила приход од 3.362.115.962 денари (54,7 милиони евра), а расходите и биле 3.719.971.463 денари (60,5 милиони евра). Финансиските резултати и на ова компанија директно влијаат врз цената на електричната енергија. Влијанието на оваа енергетска компанија, како што објасни претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски сега е 3,53 отсто, а МЕПСО побарал зголемување на својот дел за 143 проценти. Сепак, крајниот збор за тоа дали ова барање ќе им биде задоволено ја има Регулаторната комисија.

    На петтото место на државни загубари, повторно се враќаме на железницата, сега на нејзиното второ претпријатие Железница – инфраструктура. За овој дел не се размислува за приватизација. Железничката инфраструктура е често мета на критики на јавноста. Критиките се упатени како кон нејзиното одржување така и кон тоа дека таа е застарена и дека по неа не може да возат брзи, современи возови. Приходите во 2020 година на ЈП Железница –инфраструктура се 780.518.514 денари (12,7 милиони евра), а расходите се 1.103.109.450 денари (17,9 милиони евра), при што е реализирана загуба од 322.590.936 денари (5,2 милиони евра). ЈП Железница- Инфраструктура со години има загуби, а пандемијата особено удри врз транспортниот сектор. Своите приходи ЈП Железница- Инфраструктура ги обезбедува од надомест за користење на железничка инфраструктура, од извршени услуги, од наемнини и од закуп на оптички кабел.

    10 најголеми загубари од државните и јавните претпријатија

    КомпанијаПриходРасходЗагубаБрој на вработени
    ЕСМ195,4 €212,216,8 €4,802
    Железница-Транспорт20 €26,3 €6,3 €855
    М-НАВ8 €13,8 €5 €303
    МЕПСО54,7 €60,5 €5,8 €657
    Железница - Инфраструктура12,7 €17,9 €5,2 €911
    ЈП Стрежево Битола3,7 €7,6 €3,9 €238
    АД Аеродроми0,4 €4 €3,6 €14
    АД Пошта18,9 €20,5 €1,6 €2010
    ЕЛЕМ Турс2,1 €3,4 €1,4 €96
    Македонски Шуми23,3 €24,7 €1,4 €2203
    Вкупно339,2 €391 €51,8 €12089

    Износите се во милиони евра | Извор: БизнисМрежа.мк

    Редакција Пари 

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично