ПОВЕЌЕ

    Третина од амбалажата е надвор од системот: Бизнисот бара фер правила за управување со отпадот

    Време зa читање: 3 минути

    Додека над 90 проценти од комуналниот отпад во Македонија и натаму завршува на депонии, околу 33.500 тони амбалажа пуштена на пазарот останува надвор од официјалниот систем за управување со отпад. Компаниите што не го евидентираат отпадот не учествуваат ниту во финансирањето на неговото собирање и третман, со што се создава нерамноправна положба за производителите што редовно ги исполнуваат законските обврски.

    На овој проблем предупредува Асоцијацијата за управување со посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија, од каде што бараат од институциите доследно спроведување на законите, еднакви услови за сите компании и поголема контрола на пазарот.

    „Без фер конкуренција нема одржлив систем за управување со отпадот од пакување“, порачуваат од Асоцијацијата, нагласувајќи дека стабилната и предвидлива регулаторна средина е неопходна за да продолжат инвестициите во селекција, собирање и рециклирање.

    Според податоците наведени во соопштението, во Македонија годишно се создаваат речиси 791.000 тони комунален отпад, од кои се собираат околу 637.000 тони. Најголемиот дел, односно повеќе од 90 проценти, завршува на депонии, што покажува дека земјата и натаму има сериозен проблем со селекцијата и повторната употреба на отпадот.

    Проекциите на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваат дека во 2025 година на домашниот пазар биле пуштени повеќе од 116.000 тони пакување. Од нив, околу 82.500 тони биле евидентирани преку колективните постапувачи, а над 56.000 тони биле рециклирани преку системот на проширена одговорност на производителите.

    Тоа значи дека преку системот биле рециклирани околу 68 проценти од евидентираните количини. Најдобри резултати биле постигнати кај хартијата и картонот, додека пластичната амбалажа останува еден од најголемите предизвици, со стапка на рециклирање од околу 38 проценти.

    Од Асоцијацијата оценуваат дека во изминатите 15 години е постигнат значителен напредок, бидејќи количините на селектиран и рециклиран отпад претходно биле седум до девет пати помали. Развојот, според нив, е резултат на инвестициите од приватниот сектор, поддршката од меѓународните партнери и соработката со институциите.

    Сепак, предупредуваат дека резултатите можат да бидат загрозени доколку на пазарот се дозволат компании што преземаат обврски без соодветни капацитети или се обидуваат да обезбедат пазарна предност преку притисоци и нелојални деловни практики.

    Конкуренцијата, посочуваат од Асоцијацијата, е добредојдена кога се темели на инвестиции, квалитет на услугите, иновации и исполнување на законските обврски. Но, нерамноправните услови ја намалуваат довербата на компаниите што со години вложуваат во развојот на инфраструктурата за собирање и рециклирање.

    Асоцијацијата ги повика Министерството за животна средина и просторно планирање и останатите надлежни институции да обезбедат поголема правна сигурност, транспарентност и контрола, како и да ги заштитат инвестициите направени во секторот.

    Оттаму порачуваат дека Македонија може да изгради модерен и одржлив систем за управување со отпадот само доколку правилата важат еднакво за сите, а секој производител што пушта пакување на пазарот учествува и во покривањето на трошоците за неговото собирање и рециклирање.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично