ПОВЕЌЕ

    САД: Кина повеќе не е манипулатор со валутата

    Време зa читање: 2 минути
    Министерството за финансии на САД во долго одлаганиот полугодишен извештај соопшти дека Кина повеќе не ја смета за „манипулатор на валутата“, откако таквиот став ги разбранува финансиските пазари во август минатата година.


    Долго очекуваната одлука на Министерството дојде пред потпишувањето на првата фаза од трговскиот договор помеѓу двете земји изминатава среда во Вашингтон, која е предвидена да ги олесни тензиите после 18 месеци „војна на валутите“ што го оптоварија глобалниот раст.

    Во извештајот од август, Министерството за финансии на САД за прв пат од 1994 година ја означува Кина за „валутен манипулатор“, обвинувајќи го Пекинг за создавање „неправедна предност во меѓународната трговија“, пренесува Танјуг.

    Во новиот извештај, Министерството соопшти дека Кина се заложила да се воздржи од девалвација и се согласила да објави важни податоци за стапката на размена и рамнотежата на увоз-извоз, како дел од првата фаза од трговскиот договор.

    Во извештајот се вели дека вредноста на кинескиот јуан, откако падна на 7,18 јуани за еден долар во септември, се зголеми во октомври и во моментов е во сооднос од 6,93 јуани за еден долар.

    Министерството додава дека Кина треба да преземе одлучни чекори за да избегне постојано слаба валута и да овозможи да се отвори кон поголемите пазари за да ги зајакне своите долгорочни изгледи за економски развој.

    Во извештајот се наведува дека Министерството останува загрижено за монетарната политика на осум други земји – Германија, Ирска, Италија, Јапонија, Малезија, Сингапур, Јужна Кореја и Виетнам, а на тој список додадена е и Швајцарија.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично