ПОВЕЌЕ

    ПРИХОДИТЕ ОД КАМАТИ И ДОНЕСОА НА УНИБанка добивка од 44,4 милиони денари за три месеци

    Време зa читање: 4 минути

    УНИБанка заклучно со првиот  квартал од 2022 година оствари позитивни финансиски резултати преку реализација на низа активности поврзани со зголемување и подобрување на понудата за клиентите со нови атрактивни продукти вклучително и од областа на платните сервиси. И во овој период Банката продолжи со имплементација на нови технологии со цел пренасочување на клиентите кон дигиталните канали како побезбедни, поевтини и поедноставни начини на извршување на банкарските трансакции.

    Цели две години Банката се справува со предизвиците наметнати од здравствено економската криза предизвикана од пандемијата COVID-19 која донесе бројни ограничувања во домашната и меѓународната економија. Во вакви услови основна цел на Банката е да се одржи и зачува ликвидната и солвентната позиција на банката, да се задржи континуитетот и квалитетот на услугите кои ги нуди како и да се обезбеди финансиска подршка на клиентите, притоа залагајќи се максимално за безбедноста на клиентите при користењето на услугите на Банката, како и за безбедноста на вработените.

    Остварените вкупни приходи од работење во првиот квартал од 2022 година изнесуваат 436,3 милиони денари  и во однос на истиот период од минатата година бележат зголемување од  12.3%.

    Најголем придонес во остварувањето на  позитивен финансиски резултат во износ од 44,4 милиони денари имаат приходите од камати како најзначаен елемент на банкарските приходи.

    Имено, во структурата на вкупните приходи (приходи од камати, приходи од провизии и надомести, нето-приходи/расходи од курсни разлики и останати приходи од дејноста), најголемо учество од 61.1% имаат приходи од камати, кои во споредба со истиот период  од 2021 година се зголемени за 2.8%, а анализата на секторската структура на приходите од камати покажува поголема ориентација на банката кон кредитирање на секторот население. Во вкупните приходи од дејноста на банката, особено треба да се истакне значајниот пораст на приходите од провизии од 17.1%, како резултат на растечкиот тренд на дигитализација во користењето на банкарските услуги и продукти и привлекувањето на нови клиенти корисници на наведените услуги.

    Остварените расходи во првиот  квартал  од 2022 година изнесуваат 391,9 милиони денари и бележат зголемување од 11.4% во однос на истиот период од  2021 година. Зголемувањето на расходите се должи пред се на зголемување на административните расходи како резултата на енергетската криза и ескалацијата на руско-украинскиот конфликт кој предизвика силен раст и голема променливост на цените на примарните енергенси што предизвика раст на цените на сите останати производи и услуги и на износот на издвоени средства за зајакнување на резервациите по кредити.

    Во текот на  2022 година, Уни Банка нема исплатено дивиденди.

    Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 2.4% во однос на 31.12.2021.

    Обврските по кредити во првиот квартал од 2022 година се намалени за 1.9% во однос на  31.12.2021 година.

    Исполнување на планот и очекувања за претстојниот период

    Податоците за остварување на билансните цели на банката се во согласност со  очекуваните во првиот квартал од 2022 година. Растот на кредитното портфолио на банката е минимално над планираниот, со акцент на порастот на кредитирањето на корпоративниот сектор, кое бележи пораст од 9.5% во однос на Декември 2021 година.

    Анализата на структурата на пасивата на билансот на состојба на 31.03.2022 година и нејзината споредба со планираната укажуваат на надминување на таргетираните извори на финансирање од секторот корпоративно, кои се  зголемени за 8.9% во однос на 31.12.2021 година. Воедно, и прибраните средства од финансискиот сектор бележат значително зголемување од 81.7% во однос на 31.12.2021 година што е согласно планираната стратегија на Банката за одржување на прифатливо ниво на ликвидност.

    Во претстојниот период банката очекува да продолжи тенденцијата на зголемување на  активата, континуиран раст и задржување на квалитетот на кредитното портфолио на банката, кој би бил подржан со зголемен раст на депозитната база преку имплементација на нови депозитни продукти, во насока на зголемување на учеството на нефинансиските извори на финансирање, со посебен акцент на зголемување на учеството на трансакциските сметки,  оптимизирање на административните трошоци, зголемување на пазарното учество по различни сегменти во банкарскиот сектор во зависност од преземениот ризик, влијанието на адекватноста на капиталот и профитабилноста, подобрување на квалитетот на услугите, усовршување на дигиталните сервиси и канали за плаќање, развој на знаењето и вештините на човечките ресурси како главен столб на доброто работење и исполнување на сите зацртани цели во Бизнис планот на Банката за 2022 година, а се со цел да излеземе во пресрет на различните потреби и интереси на клиентите.

    Исто така, од Банката планираат и нова емисија на перпетуална обврзница слична на продуктот што го издадоа во 2019 година.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично