ПОВЕЌЕ

    ОТПАДОТ ДА СЕ РЕЦИКЛИРА ЗАРАДИ НАС САМИТЕ, А НЕ ЗАТОА ШТО ЕВРОПА ТОА ГО БАРА ОД НАС

    Време зa читање: 4 минути

    Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад при Стопанската комора на Македонија, на прес-конференцијата (23.12.2019 година) информираше за предлог-измените на законите за отпад од пакување, за електричен и електронски отпад, за отпад од батерии и за новиот Закон за проширена одговорност на производителите.

    Во таа насока беше посочено дека заклучно со 2020 година, колективните постапувачи ќе соберат и ќе дадат за рециклирање над 35.000 тони отпад од пакување од вкупно околу 120.000 тони колку што се претпоставува дека се создава, околу 1.500 тони отпад од акумулатори од вкупно 2.500 тони, 18 тони отпад од батерии од вкупно увезени 90 тони и 2.000 тони електронски отпад од вкупно 18.000 тони.

    -Како Асоцијација за управување со посебните текови на отпад, даваме поддршка за носење на нови закони и измени во постојните , но веруваме дека и имплементацијата на истите од страна на институциите ќе биде многу поефикасна, истакна д-р Филип Ивановски, претседател на Асоцијацијата и директор на „ПАКОМАК“. Како што истакна тој, дел од решенијата што се предвидуваат во законите постојат и сега, но истите не се применуваат доследно досега, што е една од главните причини зошто немаме поразвиен систем за селекција на отпадот и рециклирање. Со новите закони, вели Ивановски, се очекува:

    1. Да се намали бројот на компании кои создаваат отпад од разни текови, а не плаќаат и не финансираат собирање и рециклирање на истиот. Со ова, компаниите кои плаќаат се ставени во неповолна пазарна положба бидејќи имаат трошоци кои неплаќачите ги избегнуваат и екстра заработуваат или нудат цени кои се пониски, на сметка на избегнување на законските давачки. Со новото законско решение, сите компании заедно со завршната сметка треба да достават потврда-доказ дека финансирале собирање и селекција на отпадот кој го создале во текот на годината за која поднесуваат завршна сметка. Ова решение значајно ќе ги намали неплаќачите и ќе ја подобри конкурентноста меѓу компаниите.

    2. Да се оневозможи формирање шпекулативни колективни постапувачи со посебни текови отпад кои немаат за цел да организираат селекција на отпадот и рециклирање, туку манипулирање со дел од индустријата и собирање финансиски средства за сосема други цели. И сега, по 9 години, во МЖСПП стигнуваат апликации за дозвола за колективен постапувач од компании со сомнителни основачи – компании (консултантски фирми, должници во УЈП) кои не создаваат отпад и немаат интерес да се здружат по тој основ, но ете, бараат дозвола за колективен постапувач за управување со отпад.

    3. Да се овозможифинансирање на реалните трошоци за селекција и рециклирање на сите типови отпад, нешто за што бизнис секторот е свесен дека треба да го финансира. Но, бараме и од локалните самоуправи да бидат поодговорни и отворени за соработка со цел да се зголеми селекцијата на отпад во секоја општина од земјава.

    4. Да се намали употребата на пластични кеси од страна на граѓаните. Имено, иако во вкупната тежина на отпад од пластика кесите учествуваат во мал дел (3-5%), тие се најтешки за собирање и рециклирање и се најчест загадувач на земјата и водата. Предложената цена од 10 ден/кеса е во таа насока, но и оние кеси кои ќе се наплаќаат мора да бидат навистина биоразградиви, а не само маркетиншки декларирани. Проценките се дека од 120 милиони до 150 милиони кеси завршуваат на депонија секоја година.

    Како Асоцијација доставивме забелешки за сите закони кои не` засегаат и очекуваме Министерството за животна средина и просторно планирање како предлагач да ги инкорпорира во предлогот кој ќе биде доставен до Собранието за усвојување. Се надеваме и го поддржуваме изгласувањето на овие закони пред распуштање на Собранието, најдоцна до средината на февруари, со забелешките од бизнис заедницата како најзасегната страна која треба да го финансира исполнувањето на националните цели за рециклирање дефинирани во овие закони, вели Љупчо Аврамовски, член на Асоцијацијата и претставник на компанијата „Еуро – Екопак“.

    Како претставници на бизнис заедницата, повторуваме дека бизнис секторот сериозно е подготвен да ги преземе обврските кои произлегуваат од новите закони , но инсистира и институциите доследно да ги извршат своите обврски кои се предвидени во законот.

    Даниела Михајловска Василевска

    Извор: Стопанска комора на Македонија

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично