ПОВЕЌЕ

    Како малопродажен бизнис може да дојде до купувачи?

    Време зa читање: 7 минути
    Купувачите се оние за кои постои секој бизнис па и малопродажниот. Едноставно тие се оние кои создаваат проблеми, но сепак без нив не се може. Нема купувачи, нема ни бизнис. Зошто велам создаваат проблеми?

     

     

    Затоа што тие се оние кои го палат огинот, а вие како сопственик на малиот бизнис, вашите менаџери на продавница и сите од продажниот тим сте оние кои постојано морате да ги следите и да го гасите огинот кој што тие ќе го запалат. Но, проблемот не е во однос на еден огин. Кога станува збор за малопродажба зборуваме за стотици па и илјадници мали, но значајни искрички кои едноставно палат на повеќе страни одеднаш и постојано низ компанијата. Како и да е, мора да сфатите дека сепак купувачите се оние кои први можат да ви помогнат во водењето на вашата компанија кон сигурна успешност.

    Замислете обратна ситуација. Кога имате помалку купувачи, значи ќе имате помалку проблеми, но и помалку приходи и помалку профит за компанијата. Се е супер, нема проблеми, но нема ни приход. Тоа не е решение. Значи освен што ви требаат купувачи за да обезбедите нормално функциоинирање на вашата компанија, купувачите ви требаат и за да обезбедат еден процес на континуирано подобрување на бизнисот воопшто.

    Сега, главното прашање е како да се дојде до доволен број на купувачи?

    Иако секој сака огромен број на купувачи за негов бизнис, морам да напоменам дека тука станува збор за доволен број, а тоа е оној оптимален број кој обезбедува сигурен раст на компанијата, но и можност да се опслужат со капацитетите кои во даден момент ги поседувате.

    Прашањето за стекнување на купувачи е доста комплексно прашање и најпроблематичното нешто при барање на одговор за оваа прашање е тоа што никогаш нема да постои еден и само еден одговор. Да, никогаш со 100% сигурност нема да можеме да кажеме дека го имаме вистинскиот одговор. Затоа тука ќе се обидам да наведам некои идеи кои може да ви помогнат во вистинската насока во однос на барањето на „вистинскиот одговор”.

    Прво нешто што ќе треба да направите е да подготвите маркетинг план. Сега, често пати добивам прашање од страна на претприемачите дали имам темплејт за маркетинг план, дали можам да им дадам некаков темплејт за маркетинг план итн. Но, едно нешто мора да ви биде јасно, а тоа е дека вашиот маркетинг план мора да биде доволно уникатен и функционален само за вас и вашиот бизнис. Може да се користат определени препораки, но не и претходно дефинирани темплејти за нешто што постојано се менува и прилагодува, а на крајот на краиштата не зависи само од вас, туку и од купувачите над кои вие немате контрола, туку тие имаат контрола над вас.

    При изработка на вашиот маркетинг план мора да барате одговор на следниве прашања:

    1. Што сакаме да постигнеме со нашите маркетинг активности?
    2. Кого треба и сакаме да привлечеме со нашите маркетинг активности?
    3. Како да ја дизајнираме нашата маркетинг инка?
    4. Што се можеме и ќе користиме во различните фази низ маркетинг инката?
    5. Колку пари можеме да потрошиме за активности за влечење на потенцијални купувачи од фаза во фаза во маркетинг инката?
    6. До кога треба да ги спроведеме маркетинг активностите?
    7. Кој ќе биде одговорен за имплементација на активностите?
    8. Кои се очекуваните резултати од активностите?
    9. Дали сме ги реализирале очекуваните резулти со спроведување на планираните активности?
    10. Како да го подобриме следниот маркетинг циклус?

    Како што можете да забележите, прашањата претставуваат основа на секој бизнис, но и нешто чиј одговор ќе ви помогне да го дизајнирате маркетинг процесот на бизнисот. И не само тоа, туку ќе успеете да дизајнирате таков процес кој во голем дел ќе биде подлежен на самоподобрување.

    Но, практиката покажува дека и најдобрите маркетинг планови не успеваат да ги дадат посакуваните резултати во привлекување на купувачи доколку не успеат да обезбедат купувачите да зборуваат за една компанија.

    Затоа важно прашање е како да ги натерате купувачите да зборуваат за вашата продавница? Ако успеете во оваа ваша намера, вашата компанија ќе навлезе во еден циклус на постојан раст кога станува збор за бројот на купувачи кои ќе ги имате.

    Замислете еден задоволен купувач на кафе со неговите четири пријатели да каже: „Еј, во продавница Х купив производ У и знаете што ми се случи? Продавачот беше многу услужлив, постојано насмеан и секако трпелив кога станува збор за мене и мојот избор при купување. Освен тоа ми дадоа да купам и производ Z за да добијам попуст олд толку и толку проценти”. Доколку само еден се заинтересира од тој разговор и дојде да купи кај вас, а притоа доживее исти или пак дури и подобро искуство вашиот бизнис ќе се најде на вистинскиот пат за постојано привлекување на купувачи, и тоа не било какви купувачи, туку идеални, вистински купувачи за вашата продавница на мало.

    Затоа вашата прва задача е да работите на постојано надминување на очекувањата на купувачите. Ова не води до следното прашање, а тоа е што очекуваат купувачите од вас?

    Еве некои можни очекувања на еден купувач кои би требало да ги искористите во вашите намери за привлекување на купувачи.

    1. Очекува решавање на проблемот или задоволување на потребата заради кои дошол кај вас.
    2. Очекува да добие помош од вашата компанија кога бара начин да реши проблем или задоволи потреба.
    3. Очекува да биде почитуван од сите вработени во вашата компанија без разлика дали станува збор за продавач, менаџер на продавница или административниот персонал.
    4. Очекува учтивост од страна на сите вработени во вашата компанија.
    5. Очекува насмевка од страна на сите вработени во вашата компанија.
    6. Очекува љубезност од страна на сите вработени во вашата компанија.
    7. Очекува вашата компанија да биде некој на кого можат да му веруваат.
    8. Очекува да биде поттикнат и охрабрен кога купува.
    9. Очекува да бидете искрени дури и кога сметате дека не треба целосно да сте искрени.
    10. Очекува да ги исполните ветувањата во однос на испораката на вредноста како што е навременост и достапност.
    11. Очекува нешто малку повеќе од нормалните, односно стандардни очекувања.
    12. Очекува неприкосновена услуга.
    13. Очекува да се прилагодувате кон неговите специфики.
    14. Очекува лојалност од ваша страна за да бидат и тие лојални кон вас.
    15. Очекува добро да ги познавате.

    Кога ги знаете очекувањата на поголемиот дел на вашите купувачи, лесно ќе можете да користите различни тактики кои едноставно ќе обезбедат исполнување на нивните очекувања, но и постојано ажурирање на листата на очекувања со нови очекувања. Затоа може да се користи еден вид на клуб за лојалност каде лојалните купувачи слободно ќе комуницираат со вашата компанија, ќе ги уживаат бенефитите кои вие им ги нудите за лојалноста но и ќе бидат еден вид на основа преку која ќе обезбедувате постојани препораки со што се повеќе и повеќе ќе привлекувате нови купувачи.

    Барем денес е лесно да се реализираат голем број на активности за кои ниту сте имале можност, ниту пак средства да ги реализирате во минатото. Интернетот и достапноста на разните алатки кои обезбедуваат да бидете постојано присутни онаму каде што се и вашите купувачи едноставно ги отстрануваат сите досегашни граници и бариери за вас како еден малопродажен бизнис. Често пати се поставува прашањето дали јас како продавница на мало мора да градам ефикасно и ефективно присуство на глобалната мрежа. Мислам дека одговорот е повеќе од јасен, а тоа е дека ако вашите купувачи се таму (а има ли некој кој не е) мора да градите присуство на глобалната мрежа.

    Можноста да креирате текстуални, аудио и видео пораки, идеи, описи на вашата компанија или важните производи кои ги продавате во вашата продавница на мало, можноста да креирате беспрекорни презентации, можноста купувачите директно да комуницираат со вашата компанија едноставно ја зголемува потребата од креативноста и имагинацијата на сите вработени во вашата компанија. Користење на локациски сервиси, апликации за паметни мобилни, социјалните медиуми, блог, веб сајт и останати постоечки и сеуште непостоечки сервиси едноставно мораат да бидат дел од вашиот маркетинг план.

    Извор: Претприемач

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично