ПОВЕЌЕ

    ЗК „Пелагонија“ по притворот на Камчев се опоравува под надзор на банките, лани ќарил 425.000 евра

    Време зa читање: 3 минути

    Според остварените финансиски резултати, најголемиот агрокомбинат во државата – ЗК „Пелагонија“АД Битола се опоравува. Тој лани со помали приходи за 11,7 проценти, остварил поголема добивка за повеќе од 14 пати. Имено, минатата година приходите на ЗК „Пелагонија“ биле 17,9 милиони евра а добивката му била околу 425.000 евра, а во 2019-та година приходите изнесувале 20,3 милиони евра, а добивката неполни 29.000 евра.

    Позитивните резултати на ЗК „Пелагонија“ се особено важни за целата држава. Комбинатот ја има во своја сопственост најголемата житница – произведува  пченица, јачмен, маслена репа, сончоглед, пченка, а има и овошни и градинарски насади. Земјиштето што се обработува е распространето на 17.500 хектари, а во сопственост на комбинатот има и околу 4.000 грла говеда. Овој комбинат сега е под мониторинг на банките, а пред две ипол години сметката му беше блокирана. Да потсетиме што се случуваше…

    Во 2011 година, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев кој сега се наоѓа во притвор, го купи управувачкиот пакет на акции на комбинатот и истовремено на Стопанка банка – Битола. Но, според податоците од  јануари 2020 година, Орце Камчев во меѓувреме го намалил својот удел, и тој и Цветан Панделески поседуваат по 19,99% во основната главнина на ЗК “Пелагонија“.

    На крајот од 2018 година, Јордан Камчев и Цветан Панделевски, како осомничени во случајот “Империја“,  отидоа во притвор во „Шутка“. Набргу, извршителите се најдоа во пелагонсикиот комбинат и обелоденија дека компанијата им должи на банките (Стопанска банка – Скопје, НЛБ Банка, Стопанска банка – Битола и Комерцијална банака) вкупно 23 милиони евра. Поради долговите, сметката на Комбинатот беше блокирана, а вработените излегоа на протест барајќи си ги заостанатите плати. Тогаш раководството изјави дека се водат проговори со банките – доверители и дека сметката ќе биде одболкирана. Така и се случи, а банките известија дека отплатата ќе почне од септември 2019-та кога ќе заврши реколатата со житни култури и дека Комбинатот ќе биде под мониторинг на банките во наредните 3 години.

    Годинава, на 7 јули, во Пелагонија за првпат почна да се слават „Денови на жетвата – Жито за живот“ со тенденција манифестацијата да стане традиционална. На манифестацијата беа соопштени и охрабрувачките бројки дека годинава на земјата на ЗК Пелагонија се посеани 6.000 ха пченица, 1.300 ха јачмен, 5.000 ха пченка и 2.500 ха сончоглед.

    – Денес, ЗК Пелагонија, благодарение на своите вработени стручни во областа, на најмодерната механизација, на квалитетните семиња ја прави оваа стопанска гранка, најсилната алка во живеењето под ова македонско сонце. Благодарение на нашите насади со пченка, пченица, јачмен, сончоглед, многу индустрии го продолжуваат својот работен век – изјави извршната директорка на ЗК Пелагонија, Весна Белешовска Бунтевска која на оваа функција дојде на 25 декември 2020 година.

    Редакција Пари

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично