ПОВЕЌЕ

    Живко Мукаетов почесен конзул на Кралството Норвешка во Македонија

    Време зa читање: 3 минути

    Отворен е почесен конзулат на Кралството Норвешка во Македонија. Почесен конзул е Живко Мукаетов, генерален директор на „Алкалоид“, во чии простории е отворен конзулатот.

    Во присуство на владини министри, претставници на бизнис заедницата, на дипломатскиот кор, пријатели и деловни соработници, на отворањето говореше државниот секретар во норвешкото МНР, Ајвинд Вад Петерсон, кој го потенцира одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на билатералните односи меѓу двете земји. Тридецениско партнерство, како што нагласи, исполнето со разновидна соработка.

    Петерсон ги поздарви напорите на земјата како претседавач на ОБСЕ, сојузништвото во НАТО Алијансата, а ја истакна и поддршката за членство на земјата во ЕУ. Притоа укажа дека Норвешка е најголемиот билатерален донатор на Инвестициската рамка за Западен Балкан, преку која од 2019 година се поддржани 29 проекти во Северна Македонија, во вредност од 2,6 милиони евра. Придонеле за отворање нови работни места, но и за унапредување на услугите во областите како образование, здравство.

    „Преку дијалог и разбирање ќе продолжиме да ги негуваме односите на доверба. Норвешка е силен сојузник и партнер на Северна Македонија поддржувајќи го вашиот пат, патот на вашата нација кон евроинтеграциите и ќе продолжи да негува одржлив развој во различни области. Заедно се бориме за мир, стабилност и просперитет, не само на блиските граници туку и глобално. Силата лежи во единството а прогресот се постигнува преку заеднички напори“, порача Петерсон посакувајќи му успех во работата на почесниот конзул Мукаетов како влог во натамошниот развој на односите меѓу двете земји.

    Новата функција на Мукаетов му ја честита и државниот секретар во МНР, Иван Тосевски.

    „Вредната и голема финансиска норвешка поддршка е од големо значење за нашите реформски процеси. Поддршката која Норвешка ја дава за земјава и во однос на нашето претседавање со ОБСЕ во овие значајни геополитички времиња е исто така од големо значење, рече Тосевски, изразувајќи уверување дека новотоворениот конзулат ќе придонесе и за унапредување на билатералната економска и културна соработка.

    Чест е да се биде почесен конзул на Норвешка, нагласи Мукаетов.

    „Јас и мојот тим ќе направиме се за промоција на Кралството Норвешка и на билатералните односи меѓу двете земји кои се сојузници во НАТО, за унапредување на соработката“, рече почесниот конзул Живко Мукаетов.

    Освен што успешно раководи со „Алкаллоид“, Мукаетов веќе 16 години ја извршува и функцијата Генерален конзул на Кралството Данска.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично