ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска: Подобриот пристап до финансии е важен за инклузивен раст за регионот на Западен Балкан

    Време зa читање: 3 минути

    На покана на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, заедно со гувернерката на централната банка на Босна и Херцеговина, Јасмина Селимовиќ и регионалната директорка на ЕФСЕ, Мјера Јузбашиќ- Бајгориќ се обрати на конференцијата „Родови финансии во Западен Балкан”.

    Градењето еднакви можности во однос на родовата димензија, каде за жал сè уште постојат големи разлики, бара проактивни и координирани глобални напори на носителите на макроекономски политики. Со поддршка од меѓународните и европските институции, вклучително и Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), можат да се направат важни чекори за подобар пристап до финансии и финансиската инклузивност на жените во земјите од Западен Балкан, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во своето обраќање на конференцијата „Родови финансии во Западен Балкан”. 

    На конференцијата беше презентирано истражувањето спроведено од ЕФСЕ за родовото финансирање во земјите од Западен Балкан, во чиј заклучок се наведува дека треба да се поттикнат финансиските институции да ги таргетираат жените инвеститори, сопственички на мали и средни претпријатија, оние со претприемачки дух кои се отворени и кон користење на нови иновативни технологии, бидејќи тоа може да биде значајно и за успешното работење на овие претпријатија, како значаен генератор во економиите.

    Гувернерката Ангеловска – Бежоска истакна дека пристапот до финансирање е важна детерминанта за развојот на претприемаштвото кај жените, кое е послабо во регионот, а тоа го потврдуваат и податоците за родовата структура на сопственоста на малите и средни претпријатија.

    „Во регионот на Западен Балкан процентот на сопственост на ММСП од страна на жени е мал и се движи помеѓу 20-30%. Во нашата земја жените се сопственици на 23 % од ММСП, во Србија 33% во БиХ 24%, а во Косово 17 %. На глобално ниво, овие компании вработуваат повеќе од две третини од работната сила, сочинуваат 95%-98% од вкупната деловна активност и генерираат околу половина од глобалниот БДП”, истакна гувернерката. Оттаму неопходни се повеќе активности за  надминување на пречките за жените во рамки на институционалните, регулаторните, образовните и социјалните стандарди за да се овозможи посилна економска и финансиска вклученост на жените во економијата. 

    И последната анкета на ММФ, покажува дека родовиот јаз во пристапот до финансиите е континуирано присутен и се одржува на значајно ниво, што ги одразува бројните родови бариери, вклучително и тие од структурна природа, како што се низата правни и регулаторни ограничувања, социјалните норми и пониската вклученост на жените на пазарот на труд. Во нашата земја околу 55% од вкупниот број кредитокорисници се мажи, а 62% од вредноста на кредити на население отпаѓа на мажи, иако динамички гледано има одредено подобрување.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично