ПОВЕЌЕ

    Ангеловска-Бежоска: Важно е банките да одржат конкурентни услови за штедењето, кое претставува главен извор на финансирање на кредитната активност

    Време зa читање: 2 минути

    „Нашите граѓани и натаму претпочитаат да штедат во банкарски депозити пред останатите расположливи инструменти. Со крајот на минатата година, банкарските депозити зафаќаат околу две третини од вкупната финансиска актива на населението, што е зголемено учество споредено со периодот пред глобалната економска криза. Имајќи предвид дека во нашата економија депозитите претставуваат главен извор на финансирање на банкарските активности, за домашните банки е важно и во следниот период да одржат конкурентни услови за штедење. Ако се земе предвид стабилноста на билансите на домашниот банкарски сектор, сметам дека тоа е и реално да се очекува.“ – порача гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на денешното одбележување на Светскиот ден на штедењето – 31 Октомври, организирано од Македонската банка асоцијација и Фондот за осигурување депозити.

    Меѓу другото, Ангеловска-Бежоска се осврна и на поврзаноста на каматните стапки на депозитите и каматните стапки на кредитирањето. Таа потсети дека падот на цената на кредитите позитивно придонесува за економскиот раст, олеснувајќи го пристапот до кредитирање за домаќинствата и за корпоративниот сектор, но дека и повлекува пониски приноси на штедењето со оглед дека депозитите се главниот извор на финансирање на кредитниот раст и нивната цена се вградува во цената на кредитите. „Сепак, според динамиката, темпото на приспособување е различно, при што намалувањето на каматите на депозитите е значително забавено последниот период. За последните три-четири години, карактеристично е побрзо намалување на каматите на кредитите во однос на каматите на депозитите, што придонесува за стеснување на каматниот распон“ – истакна гувернерката.

    Истакнувајќи ја важноста на штедењето за економијата, гувернерката се осврна и на глобалните и на европските трендови на движење на каматните стапки и на остварувањата коишто покажуваат раст на нивото на депозитите во еврозоната.

    На настанот по повод Светскиот ден на штедењето, свои обраќања имаа и претседателката на МБА, Маја Стевкова-Штериева, министерката за финансии, Нина Ангеловска и директорот на Фондот за осигурување депозити, Борче Хаџиев.

    Годинава, во глобални рамки, Светскиот ден на штедењето  се одбележува по деведесет и петти пат. Веќе повеќе години наназад, овој Ден се одбележува и во нашата земја, при што Народната банка редовно учествува и е организатор на дел од настаните.  

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично