ПОВЕЌЕ

    Министерство за економија: Тетово и Гостивар следната година ќе добијат гас

    Време зa читање: 3 минути

    Изградбата на гасоводната мрежа се одвива со силно темпо и се очекува магистралните гасоводи да бидат завршени во текот на 2020 година, истакнаа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и министерот за економија Крешник Бектеши при денешниот увид во изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар.

    Гасоводот Скопје-Тетово-Гостивар е со вкупна должина од 86 километри, а вредноста на инвестицијата изнесува 29 милиони евра. Составен дел изградбата на овој гасовод се и 6 блок станици и главно мерни регулациони станици за „Тетово“ и „Гостивар“.

    „Гасификацијата на земјата е наш врвен приоритет и максимално сме посветени на изградбата на магистралниот гасовод. Имаме околу 90% реализација за оваа година со последната реализирана ситуација, односно инвестирани се преку 1 милијарда и 300 милиони денари. Следната година започнуваме со нови проекти. Ја продолжуваме изградбата на гасоводна мрежа од Гостивар кон Кичево и започнуваме со изградба на гасовод од Велес до Свети Николе за што веќе се водат преговори за финансирање. Гасификацијата е круцијално значење за економијата и е од бенефит како за граѓанит така и компаниите, за животната средина и за општеството во целост“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

    Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека дирстибутивната мрежа ќе се гради преку Јавно приватно партнерство за што веќе Владата формирала комисија.

    „Земајќи ги во предвид капацитетите на општините и праксите на поразвиените градови, планирано е дистрибуцијата на гасот да се врши преку Јавно приватно партнерство. Веќе е донесена Одлука на Влада и формирана е Комисија составена од членови на засегнатите институции и институциите директно поврзани со процесот на гасификација во нашата држава, а подготовката на т ендерската документација е во завршна фаза и за кратко време ќе биде објавен јавен повик. Исто така, сакам да истакнам дека работиме и на новиот интерконектор со Грција, кој нашата држава ќе ја поврзува со ТАНАП и ТАП во јужниот дел, што е особено значајно и од геополитички аспект, имајќи во предвид дека во моментов имаме само еден крак преку кој се снабдуваме со гас, па со тоа ќе се намалуваат и цените на гасот од што бенефит ќе има и државата и сите граѓани“ – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

    Според директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи, магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар ќе биде завршен во првата половина на следната година, а веднаш потоа ќе се започне со серија тестирања, по што до крајот на 2020 година гасот ќе биде пуштен во употреба.

    „Магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар е во должина од 78 километри плус крак Тетово во должина од 10 километри и досега имаме реализирано околу 70% од градбата Во тек е и изградбата на мерно регулационата станица во близина на Тетово, со капицитет од 22 000 м3 /час или на годишно ниво 192 000 000 м3, доволно за целосно снабдување на Полошкиот регион“ – истакна директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.

    Градоначалниците од Тетовско-Полошкиот регион истакнаа дека гасификацијата е од огромно значење за локалната економија, како и за намалување на загадувањето во градовите.

    „Брзото темпо на изградба на магистралниот гасовод, ни дава и нам обврска, како општини побрзо да работиме. Општина Тетово го заврши идејниот проект за 20 километри дистрибутивна мрежа и при крај сме со изработка на техничкиот проект за 10 километри дистрибутивна мрежа до јавните објекти“ – изјави градоначалничката на општина Тетово, Теута Арифи.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично