ПОВЕЌЕ

    ЗАДОЛЖУВАЊЕТО ГО КРПИ СТАНДАРДОТ – Потрошувачките кредити со месечна надградба од 14,5 милиони евра

    Време зa читање: 3 минути

    Потрошувачките кредити, кои се прв избор на граѓаните кога се работи за задолжување кај банките, за еден месец се зголемиле за 14,5 милиони евра. Од 118,512 милиони денари или 1,92 милијарди евра во јануари, на 119,397 милиони денари, односно 1,93 милијарди евра во февруари.

    Овој износ претставува нецела четвртина од вкупните кредити одобрени на компаниите и на населението и речиси половина од задолжувањето нотирано во секторот домаќинства.

    Всушност, и најновите податоци на Народната банка за монетарните движења во февруари велат кредитната поддршка има годишен пораст од 6,5 насто, а „произлегува од зголеменото кредитирање на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства“.

    По зголемувањето, вкупните кредити достигнале ниво од 448,012 милиони денари, што е еднакво на 7,26 милијарди евра. Уделот на граѓаните е со 231,267 милиони денари (3,75 милијарди евра), а на компаниите 214,262 милиони денари (3,47 милијарди евра).

    Минатиот месец вкупните кредити подигнати од граѓаните забележале раст од 0,6 проценти. Од Народната банка појаснуваат дека тоа е резултат на зголемените кредити во денари, но одат напред и задолжувањата во странска валута. Годишното зголемување, пак, е за 7,2 насто.

    По обемот од 84,709 милиони денари (1,37 милијарди евра), зад потрошувачките се станбените кредити. Нивниот месечен исчекор е 0,6, а годишниот – 10,3 проценти.

    Останатите видови кредити бележат намалување, некои само на месечно, а некои и на годишно ниво. Граѓаните се задолжуваат и преку кредитните картички, па во февруари тој долг изнесувал 9,534 милиони денари (154,6 милиони евра). Сепак, за еден месец се намалил за 1,8, а за една година за 5,7 отсто. Пад има и кај минусите на тековните сметки за 0,4 отсто, но негативното салдо на годишна основа е зголемено за 4,2 насто. Февруарскиот износ е 6,667 милиони денари (108,1 милион евра).

    Автомобилските кредити во февруари се намалиле за 2,1 процент, при годишен раст од 10,6 насто. Кредитите, пак, одобрени врз други основи оствариле месечно и годишно намалување од 2,3, односно 21,5 проценти.

    Во текот на вториот месец од годината, кредитите на корпоративниот сектор забележале зголемување – месечно од 1,4 и годишно од 5,9 насто. Растот целосно произлегува од зголeмениот интерес за кредитирање во денари.

    Што се однесува до основата за кредитната активност – депозитите, на годишно ниво се повисоки за 9,3 проценти. И во овој дел поголема е улогата на домаќинствата. Вкупните депозити, според податоците од Народната банка, изнесуваат 535,805 милиони денари или 8,69 милијарди евра. На компаниите им припаѓаат 154,345 милиони денари (2,5 милијарди евра), а на населението 354,258 милиони денари (5,74 милијарди евра).

    Во февруари нивото на вкупните депозити е зголемено за 0,3 насто, што единствено е заслуга на граѓаните, зашто кај влоговите на компаниите е евидентиран пад. На годишна основа депозитите бележат раст од 9,3 насто.

    Конкретно, депозитите на корпоративниот сектор се проследени со месечно намалување од 2,6 отсто. Споредено со состојбата од пред една година, има раст од 12,3 насто.

    Со вложувањата на вишокот пари, граѓаните во февруари ги зголемиле вкупните депозити во нивниот сектор домаќинства за 1,7 проценти. Годишниот раст изнесува 8,6 насто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично