ПОВЕЌЕ

    ЗА 7-8 ГОДИНИ КАЗНЕНАТА КАМАТА ЌЕ ЈА ДОСТИГНЕ Главнината

    Време зa читање: 5 минути

    Пратеничката група на СДСМ со нов обид да се намалат трошоците на граѓаните кои имаат долгови. Една од мерките што се предлага е да се ограничи можноста казнената камата, која е регулирана со Законот за облигациони односи, да порасне над главнината од долгот.

    Замислата на пратениците од СДСМ е – ако долгот е 1.000 денари, во оној момент кога каматата ќе ја достигне оваа сума, да престане понатаму да се пресметува. Односно да треба да се плати само 2.000 денари.

    Поранешниот министер за правда од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски, во телефонски разговор за Пари изјави дека оваа мерка е потполно нарушување на владеење на правото и внесува правна несигурност.

    Не можеше повеќе да коментира, бидејќи не се познати деталите и како оваа новонајавена мерка ќе се примени.

    Но, анализата на Пари покажува дека каматите не се најголем проблем на должниците. Земајќи реален случај на извршување на долг од 10.120 денари, за осум месеци колку што должникот го враќал долгот, платил вкупно 15.490 денари. Во износот влегуваат главнината на долгот, нотарските, адвокатските и извршителските трошоци, како и каматата.

    За да биде појасно, каматата се пресметува само на главницата, а не и на трошоците за нотари, адвокати и извршители. Според сегашната висина на казнената камата, која е 12,75% годишно, за таа да ја достигне главнината од долгот, должникот не би требало да плаќа 7-8 години. Ако во текот на јуни остане сегашната референтна каматна стапка на НБРМ, која е 5,75%, тоа ќе значи дека од први јули казнената камата ќе биде повисока за еден процентен поен или 13,75% годишно. Со ова ќе се намали потребното време каматите да ја достигнат главнината, односно тоа ќе се постигне за 7,2 години ако не се враќа долгот.

    Ако се погледне табелата со структурата што се плаќа при извршување, ќе се види дека должникот платил вкупно 15.490 денари или дополнителни 5.370 денари. што е 53% повеќе отколку што должел.

    Од дополнителните 5.370 денари 13,3% биле за нотарски услуги, 34,5% отишле за трошоци за извршување на долгот, односно во извршителската канцеларија, а за камата биле само 5,25%.


    Структура на долг за наплата од извршител (пример на 10.120 денари)

    • Основна сума за враќање – 10.120 денари
    • Годишна казнена камата – до 01.07.2023 е 12,75% годишно

    (Според Законот за облигациони односи, законската казнена камата каде што во трговските договори едната страна е физичко лице, се пресметува според формулата 8% плус референтната каматна стапка на Народната банка која важи на крајот од секое полугодие, односно до 30 јуни и до 31 декември. Во декември 2022 година оваа стапка е 4,75%, а во моментов, 13 мај, е 5,75%)

    Процесни трошоци

    Извршителски трошоци (зависат од бројот на дејствијата кои се регулирани со тарифник пропишан од Министерството за правда)

    • Извршителски трошоци вкупно – 3.265 денари
    • ЦАП – 338 денари
    • Награда – 646 денари
    • Извршено дејствија вкупно – 1.783,5
    • Изготвување на барање, социјално – 307,5 денари
    • Доставница, потврда за доверител – 184,5 денари
    • Изготвување потврда – 184,5 денари
    • Доставница доверител – 184,5 денари
    • Изготвување налог за извршување – 922,5 денари
    • ДДВ вкупно – 498 денари
    • Материјални трошоци, извршител вкупно – 222 денари
    • Пошта – 200
    • Провизија доверител – 22 денари

    ВКУПНА СУМА ЗА ИЗВРШИТЕЛСКИ УСЛУГИ – 3.488 денари

    ВКУПНО ПЛАТИЛ ДОЛЖНИКОТ – 15.490 денари



    Напомена, во ова извршување процесните трошоци, односно нотарските и адвокатските, се ниски. Во вообичаената пракса тие се повисоки, пред се адвокатските трошоци.

    Инаку, ова е втор обид на СДСМ да ја ограничи законски казнената камата. Првиот обид беше во септември 2021 година, кога наместо казнената камата ја ограничија договорната камата, која скоро и да не се применува во праксата, односно многу ретко се среќава во договори меѓу правни и физички лица.

    Во секој случај, и натаму останува главниот проблем кој што ги мачи граѓаните, а тоа се старите должнички случаи кои се проценува дека се од 300.000 до 400.000. Ова се оние случаи кои преминаа од судовите кај извршителите во јуни 2011 година и бидејќи со години беа чувани во судовите, граѓаните не ни знаеле дека имаат по некоја заостаната неплатена сметки за електрична енергија, вода, телефон и комунални услуги. Бидејќи имаше долгови стари и по деценија и повеќе, дел од граѓаните за многу мал долг добиваа извршни налози со огромни камати, а често се случуваше граѓаните да тврдат дека не должат, но ретко кој чувал уплатници цела деценија или повеќе.

    Затоа, прашање е дали обидот на СДСМ за ограничување на казнената камата ќе го реши проблемот со овие случаи. Во владата на СДСМ од 2017 до 2020 постоеше идеја овие случаи да се решат со посебен закон, но сепак, се прибегна кон решенија за отпишување на камати кои не дадоа резултат.

    Автор на текстот: ГОРАН ТЕМЕНУГОВ новинар

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично