ПОВЕЌЕ

    Вложува во акции и добива – Која компанија профитира од инвестирањето на берза?

    Време зa читање: 2 минути

    Добрите одлуки и инвестиции носат добивка, потврдува примерот на „Раде Кончар – Апаратна техника“. На своето конто компанијата има над 211 илјади евра профит реализиран во првото шестмесечие, кој во најголем дел произлегува од „играњето“ на берза. Или, од вложувањата во акции и во други хартии од вредност.

    Во полугодишниот финансиски извештај е забележано дека акционерското друштво од први јануари до 30 јуни остварило нето-добивка од 13.045.295 денари. За споредба, лани во тој период станувало збор за износ од 8.588.000 денари, односно околу 140 илјади евра.

    Во ставката, пак, вложувања во хартии од вредност стои сумата од 153.581.000 денари што е противвредност на околу 2,5 милиони евра.

    „Остварената добивка се базира на исплатени дивиденди од вложените средства во акции, приходи од тргување со хартии од вредност по кој основ е остварена капитална добивка и приходи од извршени услуги и наемнини од издавање на деловен простор“, посочуваат од „Раде Кончар – Апаратна техника“.

    Приходите од продажбата, наведено е во билансот на успех, се 1.341.000 денари (над 21,7 илјади евра), а останатите оперативни приходи 10.979.000 денари (над 178 илјади евра). Расходите се 4.106.295 денари (66,6 илјади евра).

    Сето ова, според образложението, укажува на стремежот и годинава да се постигнат високи приходи и висок финансиски резултат, со истовремено намалување на трошоците. Оттаму и очекувањата дека ќе се зголеми добивката базирана на финансиски приходи од дивиденда и капитална добивка од пласирани средства во хартии од вредноство. Со тоа ќе се достигне заложбата на Друштвото – „да се оплоди капиталот и да се зголеми финансискиот резултат“.

    Инаку, со „Раде Кончар – Апаратна техника“ управува петчлен Одбор на директори, во состав Татјана Лазаревски, која е извршен директор, Ѓорѓи Доновски – претседател, како и неизвршните членови Корина Џалева Киријас, Горан Марковски и Мартин Кочмановски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично