Само полнолетни ќе смеат да управуваат електрични тротинети, максималната брзина се ограничува на 20 километри на час, се забранува превоз на второ лице, а за прекршителите се одредени казни. Собранието го усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кој првпат детално се уредува користењето на лесните електрични возила.
Измените следуваат по бројните реакции од граѓаните и институциите за несовесно управување со овие возила, особено од страна на малолетници, како и по честите случаи на возење со двајца или тројца на еден тротинет, движење со голема брзина и користење на пешачките патеки без почитување на останатите учесници во сообраќајот.
Законот пропишува дека електричните тротинети треба да се движат по велосипедски патеки или велосипедски ленти. Само доколку таква инфраструктура не постои, ќе биде дозволено движење по тротоар или пешачка патека.
Возачите ќе мора да се движат по десната страна, а доколку се движат во група, задолжително ќе треба да возат еден зад друг.
Новите законски решенија воведуваат различни ограничувања зависно од површината по која се движи тротинетот. На пример, на тротоари, пешачки патеки и други површини наменети за пешаци максималната брзина ќе биде само 6 километри на час, односно со темпо што не ги загрозува пешаците.
Една од најважните новини е експлицитната забрана на електричен тротинет да се превезува друго лице. Практиката на возење по двајца, а понекогаш и тројца на едно возило, која стана секојдневна по улиците, отсега претставува прекршок што ќе се казнува со 50 евра.
Законот воведува и правила за начинот на управување. Возачот нема да смее да вози без двете раце на управувачот; да се држи за друго возило; да влече или да турка предмети; да користи мобилен телефон, таблет, паметен часовник или слушалки, освен комуникациски систем вграден во заштитен шлем. За ваквите прекршоци е предвидена глоба од 50 евра.
Возачите ќе мора задолжително да носат заштитен шлем, додека во ноќни услови или при намалена видливост ќе биде задолжително и носење рефлектирачки елек. За непочитување на овие правила следува прекршочна казна.
Доколку прекршок направи дете, казната нема да ја плати само малолетникот. Во зависност од прекршокот, родителот или старателот ќе биде санкциониран со 50, 80 или 120 евра, со што се воведува и нивна директна одговорност за почитувањето на правилата.
За непочитување на правилата за движење, користење на несоодветни површини или движење во спротивна насока се предвидува глоба од 80 евра. Повисока казна од 120 евра ќе следува за надминување на дозволената брзина на површините каде што се движат тротинетите.
Законското решение треба да придонесе за помал број прекршоци и сообраќајни незгоди, како и за воспоставување јасни правила за користење на електричните тротинети, кои во последните години станаа едно од најраспространетите превозни средства во урбаните средини.
Аналитика








