ПОВЕЌЕ

    ТОП 10 КОМПАНИИ СО РУСКИ КАПИТАЛ ВО МАКЕДОНИЈА – годишно прават приход од над 200 милиони евра

    Време зa читање: 4 минути

    ,,ПАРИ” АНАЛИЗА | Во Македонија има околу 70 компании во кои има руски капитал, покажуваат податоците од платформата БизнисМрежа.мк. Најпознати, секако се Друштвото за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО АД Скопје, Друштвото за трговија со нафти и нафтени деривати „Лукоил“ и Друштвото за производство и трговија „Бучим“ кое во своја сопственост го има рудникот за бакар. Но, покрај нив, тука се и многу други фирми, и речиси сите се микро и мали компании.

    Анализата на податоците што ја направи порталот „Пари“ покажува во компаниите со руско потекло на капиталот, има околу 1.250 вработени и тие во 2020 година (за 2021 година се уште нема податоци) направиле вкупен приход од над 210 милиони евра. Секако, за тоа се најзаслужни трите најпознати руски компании во државава – „ТЕ-ТО“, „Лукоил“ и „Бучим“. Од другите фирми,со над 1 милион евра приход се 3 компании, а со приходи под 3 милиони денари  (под 48.780 евра) се дури 50-тина фирми. Анализата покажа и дека 49 компании имаат управител кој е руски државјанин, а на дел од овие компании матичната компанија која е „надлежна“ за компанијата – ќерка во Македонија, не е регистрирана во Русија.

    ТОП 10 КОМПАНИИ СО РУСКИ КАПИТАЛ

    КомпанијаПриход 2020Добивка 2020Вработени
    ТЕ-ТО АД Скопје93.000.00012.000.00051
    ЛУКОИЛ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје70.900.000   2.100.000 452
    БУЧИМ ДОО Радовиш43.600.00013.300.000605
    СИСТРАВЕЛ ДОО увоз-извоз Скопје2.300.000/3
    ЕЛИТА ИНВЕСТ ТРЕЈД ДООЕЛ Скопје  1.200.000/5
    КРАНФИЛД ФАУНДРИ ДООЕЛ Скопје1.000.000/58
    АСПЕКТУС ФАРМА ДОО - Бубарџик79.000/28
    МК-ФОРВАРД ДОО Куманово  26.00023.0001
    РВС ИНВЕСТ ДООЕЛ увоз-извоз Куманово19.000/1
    СЕМАКС ДООЕЛ увоз-извоз Скопје      5.000/0
    ВКУПНО210.000.00027.630.0001.204

    (во евра)

    СО ШТО СЕ ЗАНИМАВААТ ФИРМИТЕ СО ПРИХОД ОД НАД 1 МИЛИОН ЕВРА?

    Во Друштвото за производство на електрична енергија и топлина ТЕ-ТО, покрај руски капитал, акционер е и Топлификација АД во стечај. ТЕ-ТО е многу важна за македонскиот енергетски пазар. Нејзина основна дејност е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус. Средниот годишен капацитет на постројката е 220 MW за производство на електрична енергија (колку еден блок на РЕК Битола) и 160 MW за производство на топлинска енергија (речиси целото снабдување со централно греење во Скопје).

    Групацијата ТЕ-ТО, во 2020 година била и најприходната компанија во Македонија со руски капитал, а особено е впечатлива нејзината добивка, на вкупно остварен приход од 93 милиони евра, добивката и била 12 милиони евра.

    Лукоил“ е втора по приходи, преклани направила промет со нафтените деривати и со друга трговија што ја врши на бензинските пумпи во вредност од речиси 71 милион евра, а тоа и донела чиста добивка од над 2 милиони евра. Оваа руска компанија во Македонија има 30-тина бензински пумпи.

    Од 2005 година, рудникот за бакар Бучим е дел од Солвеј инвестмент групацијата. Притоа како земја на потекло на сопственикот на македонската компанија е заведена Естонија, но управител е Русин.

    Рудникот е од отворен тип и произведува бакарен концентрат кој содржи бакар и злато. Се обработува преку 4,5 милиони тони руда годишно. Годишно се произведува над 40.000 тони бакарен концентрат кој содржи бакар и злато“, пишува на официјалната страна на „Бучим“.

    Од бакарниот концентрат, „Бучим“ во 2020 година направил приход од 43.600.000 евра и тоа и донело добивка на компанијата од 13.300.000 евра.

    „Систравел“  е регистрирана под шифра на дејност „друг патнички копнен транспорт, неспомнат на друго место“. И покрај остварениот приход од 2,3 милиони евра, што е повеќе од двојно од приходот од 2019 година, фирмата е во загуба.

    Елита инвест трејд“ е фирма со мал обем, со дејност „неспецијализирана трговија“ која успеала да „сврти“ 1,2 милиони евра, но која не успеала да направи добивка.

    Компанијата „Кранфилд фаундри“ се занимава со леење на железо и стигнала до приход од 1 милион евра, но не направила добивка.

    САМСОНЕНКО – ЕДЕН ОД НАЈПОЗНАТИТЕ РУСИ ВО МАКЕДОНИЈА

    Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и е добро познат на македонската јавност. Тој е поранешен сопственик на Фудбалскиот клуб „Вардар“, сопственик е на хотелот „Русија“, на спортскиот центар „Јане Сандански“, а преку неговата фирма „Сис инвест груп“, која отиде во стечај, ги поседува недоградениот хотел „Мериот Кортјард“ и невселениот Офицерски дом, во кој требаше да има и градска куќа. Листата на доверители за стечјаната постапка на „Сис инвест груп“ е затворена, се пријавиле 14 доверители, со вкупно побарување од 9,5 милиони евра. Извршителот Никола Богатинов на 26 ноември пак, пријавил дека од уделот на бизнисменот Сергеј Самсоненко во компанијата „Сис Инвест Груп“ има налог за запленување на имот од 9,5 милиони евра. Една недела подоцна, извршителот Богатинов со налог за извршување заплени уште 10 милиони евра од имотот на Самсоненко, овој пат со замрзнување на толкав износ во неговата авио-компанија „Сис Авиатион“.

    Спортскиот центар „Јане Сандански“ пак, во 2020 година прокнижил приход од околу 500.000 евра, но загубата му била над 1 милион евра.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира
    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично