ПОВЕЌЕ

    Стопанска банка АД Битола со добивка од 0,77 милиони денари заклучно со трет квартал во 2019 година

    Време зa читање: 3 минути

    Во периодот 1.1.-30.9.2019 година фокусот во работењето на Стопанска банка а.д. Битола беше насочен кон воведување конкурентни депозитни производи, наплата на достасано кредитно портфолио, зајакнување на депозитното јадро и контрола на оперативните трошоци од работење, со што директно се делуваше во насока на остварување на клучните стратегиски и деловни цели дефинирани во Деловната политика, развојниот и финансискиот план на Банката за 2019-2023 година.

    Финансиски перформанси на Банката

    Стопанска банка а.д. Битола оствари позитивен финансиски резултат за периодот 1.1.-30.9.2019 година, односно добивка во износ од 0,77 милиони денари. Добивката од работењето пред исправка на вредност на финансиските и нефинансиските средства која е показател за оперативното работење на Банката изнесува 63,63 милиони денари.

    Нето-приходите од камати за периодот 1.1.-30.9.2019 година изнесуваат 222,29 милиони денари, што претставува остварување на планот за третиот квартал со 93,34%. Општиот тренд на намалување на каматните стапки придонесе за намалување на каматните маргини што се одрази и на остварувањето на приходите од камати за пласманите реализирани во овој период.

    Нето-приходите од провизии и надоместоци заклучно со третиот квартал од 2019 година изнесуваат 79,75 милиони денари, со што планот е остварен со 102,58% иако остварените износи се пониски за 7,78% во однос на остварувањето од истиот период од минатата година.

    Нето-курсните разлики бележат остварување на планот во третото тримесечје со 106,27% иако во апсолутен износ истите се пониски за 1,17 милиони денари споредено со третиот квартал од минатата година.

    Останатите приходи од дејноста се пониски за 2,90 милиони денари, споредено со периодот 1.1.-30.9.2018 година, кога беа остварени поголеми вонредни приходи и капитални добивки од продажба на преземен имот.

    Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа, е повисока во однос на третиот квартал од претходната година за 42,94 милиони денари, што се должи на процените за квалитетот на дел од кредитното портфолио како мерка на прудентно работење и претпазливост на Банката.

    Очекувања за претстојниот период

    Во периодот што следува Банката очекува стабилно макроекономско окружување, умерено забрзување на економскиот раст од околу 3,5% при очекувана стапка на инфлација од околу 1,5% до крајот на тековната година. Прилагодувајќи го своето работење на деловната клима и потребите на клиентите, Банката и во претстојниот период ќе ги презема неопходните мерки и активности за реализирање на поставените стратегиски и деловни цели од Деловната политика, развојниот и финансискиот план за периодот 2019-2023 година.
    Воедно, Банката со своето работење во целост останува насочена кон задоволување на потребите на клиентите преку понуда на иновативни производи и услуги со фокус на понатамошна дигитализација во работењето.

    Банката и во наредниот преиод ќе продолжи со умерен раст на кредитната активност при истовремено интензивирање на активностите за наплата на нефункционални кредити, континуирано следење на редовното портфолио, продажба на остатокот од преземениот имот. Одржувањето оптимално ниво на депозитен потенцијал како од аспект на ликвидност така и од аспект на профитабилност во работењето за креирање предуслови за генерирање позитивни финансиски резултати при прифатливо ниво на ризик ќе биде главен приоритет.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично