ПОВЕЌЕ

    Со грант од Светска банка се подобрува енергетската ефикасност на Психијатрија

    Време зa читање: 2 минути

    Со градежните работи кои ќе стартуваат на 15 месецов, Kлиниката за психијатрија во Скопје ќе биде комплетно реновирана и ќе стане енергетски ефикасна. Објектот е дел од проектот за подобрување на енергетската ефикасност,  финансиран со грант од Светската банка, а го спроведува Министерството за финансии во соработка со Министерството за здравство.

    Работите треба да завршат за пет месеци, во текот на кои ќе се замени електричната инсталација, осветлувањето и системот за греење, ќе се постави централен систем за ладење и ќе се направи термоизолација на објектот, ќе се изврши реконструкција на покривот, замена на прозорците и на вратите.

    Универзитетската клиника е првиот од 18 здравствени објекти на централно ниво што ги опфаќа проектот во компонентата наменета за подобрување на енергетската ефикасност, за која се предвидени пет од вкупно 25 милиони евра.

    Десет милиони евра се предвидени за проекти за подобрување на енергетската ефикаснот на објекти на локално ниво, при што активностите за 42 проекта во 12 општини се веќе започнати, а дополнително се преземаат активности за поддршка на проекти во 16 општини, информираат од Министерството за финансии. Сепак, се појаснува, тој број понатаму може и да се зголеми, затоа што општините сè уште имаат можност за поднесување апликации.

    Освен ова, со проектот се предвидува и воспоставување фонд за енергетска ефикасност со иницијален капитал од пет милиони евра, кој треба да функционира во рамките на Развојната банка.

    Основните цели кои треба да се постигнат преку овој проект се намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор и поддршка за воспоставување и операционализација на одржлив механизам за финансирање енергетска ефикасност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично