Во Македонија, 455 600 лица или 21,9 отсто живеат под прагот на сиромаштија и се водат како сиромашни лица според последните податоци на Државниот Завод за статистика.
Анализата е направена во согласност со препораките на Европската Унија по што се пресметани таканаречените Лаекенски индикатори.
Стапката на сиромаштија во најбројните, 4-члени домаќинства каде живеат двајца возрасни и две деца изнесува 19,5 проценти, односно секое 4-то семејство во оваа категорија е сиромашна.
Највисока стапка на сиромаштија има во семејствата со три и повеќе деца, во оваа категорија 45,3 одсто или речиси половина повеќедетни семејства се сиромашни. Критично ниво на сиромаштија имаат и самохраните родители со деца каде 42,8 % се сиромашни.
Најмала стапка на сиромаштија има во категоријата Самечки домаќинства (еден возрасен член на возраст од 65 години и повеќе) и таа изнесува 3,2 %, а стапка на сиромаштија под 10 % имаат и самците.
Стапката на сиромашни вработени лица е 8.8 отсто, додека стапката на сиромашни пензионери е 7.8 отсто.