ПОВЕЌЕ

    ИЗВРШИТЕЛСКИ УПАДИ, ДЕФИЦИТ НА ПАРИ И НА КАДАР, РЕЗЕРВИ КОН ИЗВЕШТАИТЕ – Што откриваат државните ревизори за ПИОМ?

    Време зa читање: 4 минути

    Ревизорите се резервирани во однос на вистинитоста и објективноста при прикажувањето на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Исто така, по извршената контрола на функционирањето во 2021 година, резерви се искажани и од аспект на усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики, се наведува во извештајот од Државниот завод за ревизија.

    Воедно, утврдено е дека и во 2021 не биле надминати констатираните состојби од претходните години, за кои, како што се посочува, ревизорот во континуитет известува. Се работи за регистрираниот недостиг на стручен и обучен кадар за актуарство, како и за постојаниот одлив на вработени од ИТ секторот и внатрешната ревизија. Тоа, пак, „влијае на развојот на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети, функционирањето на информацискиот систем и ажурноста на сите воспоставени системи и ефективноста на системот за внатрешни контроли“.

    Освен тоа, се укажува и на фактот – зголемените приходи не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на социјални бенефиции во 2021 година, кои се одвојуваат од државниот буџет и учествуваат со 37,5 отсто во вкупните приходи на Фондот.

    Меѓу другото, според извештајот, ревизорите утврдиле слабости во чувањето и архивирањето на податоците во матичната евиденција. Со тоа, како што е посочено, се оневозможува потврдувањето на веродостојноста и целосноста на регистрираните податоци, потребни за остварување на правата од пензиско инвалидското осигурување.

    Дел од осигурениците, се наведува, не можат да ги остварат сопствените права, поради одредени пропусти. Конкретно, остануваат нераспоредени средства на уплатната сметка од наплата придонес за ПИО, кои Фондот не може да ги користи, затоа што изостанале соодветни податоци за вработување и регистрација на обврзниците. А, има и грешки при внесот од страна на други институции. Во тие рамки забележано е и ненавремено доставување информации од надлежните институции за промена на статусот на осигурениците. Тоа, велат ревизорите, „има за последица неоснована исплата на пензии, за кои се евидентираат побарувања од граѓани“, но и низок процент на поврат на вишокот исплатени средства.

    Ревизорскиот извештај упатува и на тоа дека извршители неосновано повлекле пари од сметката на ПИО. Станува збор за налози за извршување, во кои како должници се јавуваат корисници на пензија. Исто така, се забележува и на континуираното вршење активности од страна на Фондот поврзани со реализација на налозите за извршување.

    Кај структурата и нивото на остварените приходи во 2021 година, нотирано е зголемување на дефицитот во исплатата на пензиските примања, а се предупредува и на неизвесностите по работењето на Фондот, кои се поврзани со инфлаторните движења и со неповолните демографски движења.

    Во 2021 година остварени се приходи во износ од 81.508.271 илјади денари (1,32 милијарди евра). Изворните, односно приходите од наплатен придонес за ПИО бележат зголемување од 6,38 проценти споредено со 2020 година. Нивниот износ бил 49.289.354 илјади денари (798,6 милиони евра), што претставува учество од 60,47 отсто во вкупно остварените приходи.

    Сепак, утврдиле ревизорите, оствареното зголемување на приходите и понатаму не е доволно за покривање на расходите за социјални бенефиции, кај кои има постојан пораст. Како што се наведува, расходите за социјални бенефиции (исплата на пензиските примања заедно со придонесот за здравствено осигурување на пензионерите, трансферите до вториот пензиски столб и инвалиднината) во 2021 година изнесувале 79.677.493 илјади денари (1,29 милијарди евра) за вкупно 328.570 приматели на пензии. Па затоа исплатените средства се за 3,8 насто повисоки во однос на 2020 година.

    Поради кусок пари за исплата на социјалните бенефиции, од државната каса во 2021 биле префрлени 30.580.301 илјади денари (495,5 милиони евра), а нивниот удел во вкупните приходи на Фондот бележи намалување од 37,5 проценти споредено со 2020 година. Од нив, 29 отсто се за покривање на тековниот дефицит за исплата на пензии.

    Покрај се друго, ревизијата укажува и на неповолната демографска структура на населението, состојба потврдена и со пописот на населението, како и на влијанието на тековните инфлаторни движења, од аспект на законската обврска за усогласување на висината на пензиите со трошоците на животот и платите.

    Оттаму и очекувањата на подолг рок – финансиското работење на Фондот да биде оптоварено со тековниот проблем на зголемен дефицит кој се покрива со трансфери од државниот буџет.

    Воедно, и препораката ПИО во соработка со надлежните институции да преземе активности за обезбедување на потребните кадровски капацитети, но и за развој на актуарски и пензиски предвидувачки капацитети преку координирани активности за носење законски решенија. Со кои, велат ревизорите, ќе се придонесе за намалување на паричната маса за исплата на социјалните бенефиции. Потребно е да се средат работите при утврдувањето на придонесот од ПИО и уште повеќе, да се извршува целосна наплата. Се со цел стабилизација на пензискиот систем и намалување на буџетските трансфери

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично