
Во компаниите за спортско обложување и игри на среќа лани биле вработени 8.246 лица. Тоа е речиси идентичен број како во 2024 година, кога во секторот работеле 8.257 луѓе.
Просечната нето-плата во дејноста во 2025 година изнесувала 54.434 денари, што е за 29,1 насто повеќе од 2024 година, кога просекот бил 42.157 денари.
Сепак, зад секторскиот просек се кријат огромни разлики. Од една страна, има компании во кои просечната плата е под законскиот минимум, а од друга страна, има фирма во која просечната нето-плата достигнала дури 362.329 денари, односно речиси 6.000 евра.
Според анализата што ја подготви порталот Пари врз основа на податоците на Бизнис мрежа, рекордер е Друштвото за информатички технологии „Свисс-Системс“ ДООЕЛ Гостивар, кое поседува лиценца за приредување игри на среќа со апарати.
Во меѓувреме, предлог-законот за игрите на среќа кој отвори жестока дебата меѓу Владата, приредувачите на игри на среќа и здруженијата поврзани со секторот – стана Закон. Собранието ги усвои новите правила за игра на оваа индустрија.
Дејноста ќе мора да се прилагоди на новите околности, без оглед на досегашните противења и укажувања. Најгласна во реакциите беше АСОМ – Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија, која бараше стопирање на законското решение, со предупредување дека околу 10.000 лица би можеле да останат без работа. Според асоцијацијата, голем дел од легалните објекти нема да можат да го исполнат условот да бидат оддалечени најмалку 500 метри од основни и средни училишта.
Од Владата, пак, порачаа дека целта не е затворање на индустријата, туку воведување ред во секторот и подобра заштита на младите од прекумерна изложеност на коцкање.
Кои се најсилните играчи во светот на коцкањето и обложувањето?
ДВЕ ТРЕТИНИ ОД ВРАБОТЕНИТЕ СЕ КОНЦЕНТРИРАНИ ВО 10 КОМПАНИИ
Во десетте најголеми компании од секторот работат 5.524 лица, што претставува 67 насто од вкупниот број вработени.
Најголем работодавач е „Спорт Лаиф Трејд“ од Скопје со 866 вработени. Компанијата бележи постепено намалување на бројот на вработените – од 889 во 2023 година, на 871 во 2024 година и 866 вработени лица во 2025 година.
На второ место е „МА Гаминг“ со 734 вработени. За разлика од лидерот, оваа компанија бележи континуиран раст на вработеноста.
Трета е „Макотен“ од Гевгелија со 654 вработени, што е за 105 повеќе отколку во 2023 година.
„Делта Бет“ има 629 вработени – 2 помалку од претходната година, но 22 повеќе во однос на 2023 година.
Со „Делта Бет“ завршува групата компании со повеќе од 500 вработени.
Топ 10 работодавачи во секторот во 2025 година
Извор: Бизнис мрежа
ПЛАТИТЕ СЕ ДВИЖАТ ОД 3.313 ДО 362.329 ДЕНАРИ
Разликите во платите се уште подраматични од разликите во бројот на вработени.
Најниската просечна нето-плата во секторот изнесува само 3.313 денари и е евидентирана во „Лаки Бет 2026“ од Кавадарци, компанија со само еден вработен.
Во „Клуб Казино 77“ од Битола, каде што работат 80 лица, просечната нето-плата изнесувала 11.316 денари.
Во „Банана Кик“ од Тетово, со 136 вработени, просекот бил 21.990 денари.
Ваквите износи се под законскиот минимум, што може да се должи на нецелосно работно време или на други специфики во евиденцијата на платите, или, пак, за тоа одговор треба да даде Државниот инспекторат за труд.
Извор: Бизнис мрежа
ДРЖАВНИТЕ ФИРМИ ДОМИНИРААТ МЕЃУ КОМПАНИИТЕ СО НАЈВИСОКИ ПЛАТИ
На спротивниот крај од листата се компаниите со највисоки просечни примања.
Апсолутен рекордер е „Свисс-Системс“ од Гостивар, каде што просечната нето-плата за 35 вработени достигнала 362.329 денари.
Компанијата работи од 2021 година. Иако во називот се води како друштво за информатички технологии, нејзината официјална примарна дејност е под шифра 92.000 – дејности на игри на среќа, а поседува и лиценца за приредување игри на среќа во клуб со апарати.
Меѓу петте компании со највисоки плати доминираат фирми поврзани со државното приредување игри на среќа.
Како што веќе пишуваше Пари (https://pari.com.mk/drzavna-lotarija-i-video-lotarija-so-prihod-od/), Касинос Аустриа Интернационал Македонија, како сопственик во Државната видеолотарија, има и своја посебна сметка. Во компанијата има еден вработен, а просечната месечна плата изнесувала 254.765 денари.
Следуваат „Државна лотарија – Моззарт“ и „Државна лотарија – 77 Битс“, исто така со по еден вработен и просечни плати над 120.000 денари.
Пет компании со највисоки просечни нето-плати во секторот
Извор: Бизнис мрежа
Најголемиот контраст во секторот е меѓу најниската и највисоката просечна плата. Додека во една компанија просекот изнесува 3.313 денари, во друга достигнува 362.329 денари. Тоа значи дека разликата меѓу двете крајности е повеќе од 100 пати.
Редакција Пари
Аналитика








