За десеттина проценти се зголемиле буџетските приливи и трошоци во 2024, во споредба со годината пред тоа. Буџетскиот дефицит е за 2,5 милијарди денари или за 40,6 милиони евра понизок од проекциите. Зафаќа 4,4 отсто од БДП. Приходите и расходите се реализирани на ниво од над 96 проценти. Сѐ е според планот, велат од Министерството за финансии.
Државната каса во 99,7 отсто се наполнила со парите од граѓаните – од даноци и придонеси. Од наплатата на даноците остварувањето е во исто така високи 99,2 проценти. Гледано по видовите оданочувања, од Финансии посочуваат дека кај данокот на личен доход се постигнати дури 101 процент, а кај ДДВ – 103,8 проценти. Наплатата кај данокот на добивка изнесува 95,6, додека од увозните давачки се прибрани 95,3 отсто.
Оттаму, вкупните приходи во Буџетот 2024 година се во износ од 306,3 милијарди денари (4,98 милијарди евра). Тоа претставува 96,3 отсто од планираното.
„Реализацијата на приходите во Буџетот е согласно планираното со ребалансот. Податоците упатуваат на ефикасна наплата на приходите од страна на Управата за јавни приходи и Царинската управа. Така даночните приходи и придонеси се остварени во износ од 283,6 милијарди денари и учествуваат со 92,6% во структурата на вкупните буџетски приходи. Приходите од даноци во 2024 година се остварени во износ од 177,9 милијарди денари и се за 12,8% повисоки споредено со минатата година. Придонесите за социјално осигурување се остварени во износ од 105,7 милијарди денари и истите се за 14,1% повисоки од остварените во 2023 година“, пишува во соопштението од Министерството за финансии.
Што се однесува до трошењата на буџетските средства, реализирсни се со 96,1 проценти. Или, искористени 348,5 милијарди денари (5,66 милијарди евра). И, за 9,4 насто се повисоки од расходите направени во 2023 година.
Остварувањето кај капиталните расходи во текот на минатата година достигнало до 76,8 проценти. Тоа се 28,7 милијарди денари (466,66 милиони евра). Во тој контекст се наведува дека за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д се употребени 4,1 милијарда денари, што значи целосно поклопување со преокциите.
„Дополнителни 21,2 милиони денари се реализирани за општинските проекти, како и 165 милиони денари за проекти за подобрување на општинските услуги преку МСИП со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка). Расходите за стоки и услуги се реализирани во износ од 22,9 милијарди денари или 88% од планираното. Трансферите кон општините преку блок дотации и дотации по основ на ДДВ се реализирани во износ од 30,9 милијарди денари и се повисоки за околу 3,4 милијарди денари во однос на претходната година, земјоделските субвенции се реализирани во износ од 9,2 милијарди денари и се во целост исплатени“, се вели во соопштението.
Од Министерството како особено важен го нагласуваат фактот дека буџетскиот дефицит е реализиран во понизок износ, што е во рамките на планот за фискална консолидација.
Со ребалансот, буџетскиот дефицит беше проектиран на ниво од 4,9 проценти. А, пак, лани е реализиран со 4,4 процењнти од бруто домашниот производ. Воедно, се истакнува дека и јавниот долг ќе биде понизок од предвиденото. Најверојатно од 62,2 процењнти.
„Оваа година започнува со ликвидни и стабилни јавни финансии“, порачуваат од Министрството за финансии.