За два проценти се намалени издадените дозволи за градба, а за 22,6 отсто е пониска вредноста на планираните објекти, на годишно ниво. Декемвриските податоци на Државниот завод за статистика упатуваат на 287 одобренија со предвиден износ од 4.954.058.000 денари, односно 80,5 милиони евра. Најголемиот дел од дозволите се однесуваат на Полошкиот, а најмногу нови станови ќе има во Скопскиот регион, поточно на територијата од Општина Центар.
Од вкупниот број издадени дозволи, најбројни се – 175 или 61 процент за изградба на објекти од високоградба. За нискоградба се 48 (16,7%), а за реконструкција се 64 (22,3%). Што се однесува до инвеститорската структура, одобренијата се поделени така што 157 (54,7%) ги добиле физички лица, а 130 (45,3%) се доделени на деловни субјекти.
Во рамките на издадените одобренија е и планираната изградба на 705 станови со вкупна корисна површина од 59.557 квадратни метри. Што во градежниот сектор претставува реализација на нови инвестициски проекти. Регионалната распределба на дозволите покажува различни трендови. Кога се работи за новите станови, 210 ќе се градат во Скопскиот регион. Од нив, 164 ќе имаат адреса во Центар. Инаку, овој регион со две дозволи (вкупно 68) заостанува зад Полошкиот. Издадените 70 одобренија претпоставуваат и изградба на 126 станови, од кои 85 во Гостивар.
Троцифрен е и бројот на становите што ќе се градат во Југозападниот и во Источниот регион. Од издадените 15 дозволи ќе произлезат и 141 станбена единица. И безмалку сите, односно 133, ќе бидат на територијата на Охрид. Кога станува збор за истокот на државата, ќе има 106 нови станови, од кои 67 во Кочани, а вкупно се дадени 50 одобренија за градба.
Од друга страна, најмалку одобренија – пет, се однесуваат на Североисточниот регион. Таму ќе се гради само еден стан. Во Ранковце.