ПОВЕЌЕ

    По градежниот бум од првиот, следи втор јавен повик од 15 милијарди денари за општинските проекти

    Време зa читање: 3 минути

    Се подготвува втор јавен повик вреден 15 милијарди денари, кој идната недела ќе биде упатен на упатен до општините за финансирање капитални проекти од интерес на граѓаните. А следи по првиот, кој предизвикал инвестициски бум, како што нагласи министерот за локална самоуправа Златко Перински, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски информираа за новата можност што им се дава на единиците на локалната самоуправа.

    „Сакам да најавам дека многу наскоро, следната недела, ќе го објавиме вториот повик за финансиска поддршка на општините, со кој ќе поддржиме капитални инфраструктурни проекти во износ до 15 милијарди денари и со тоа значително ќе придонесеме за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани“, рече Перински, додавајќи дека по првиот повик, ситуацијата на терен покажува „бум во сите општини, во сите региони на нашата земја“.

    Според податоците што ги наведе, финансиска поддршка е дадена на 288 проекти во 78 општини, со вкупна вредност од над 4,5 милијарди денари: „251 проект се веќе со склучен договор или се во завршна фаза од постапката, од кои педесетина веќе се реализираат на терен; за 37 проекти се очекува почеток на тендерската процедура за избор на изведувач“, појасни министерот, заклучувајќи – „ова е показател дека реализацијата се одвива одично“. Со тие средства веќе е започната изградба на градинки, спортски игралишта, се санираат и градат улици, водоводни и канализациони мрежи…

    „Во однос на вториот повик, критериумите за учество во најголем дел ќе бидат исти како и за првиот, но и олеснети во поглед на рокот за поднесување документи и за отпочнување постапка за јавна набавка, односно ќе се одлучува врз основ на два критериуми: по глава на жител на резидентното население во секоја општина согласно последниот попис и комплетноста на проектната документација со сите дозволи и согласности потребни за отпочнување постапка за јавна набавка, со ревидирана предмер пресметка не постара од 12 месеци“, посочи Перински.

    Право на учество имаат сите единици на локалната самоуправа, кои можат да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од различни области – култура, спорт, животна средина, патна инфраструктура, социјална политика, образование.

    Рокот за поднесување на апликативни формулари и проектна документација е до 30 април.

    „И овој пат ги охрабрувам сите градоначалници, без оглед на партиската припадност, да аплицираат за финансирање на проекти кои ќе придонесат за подобро утре на граѓаните“, нагласи Перински.

    Премиерот Мицкоски информираше дека на денешната редовна владина седница е отпочната постапката за објавување на вториот повик преку Министерството за локална самоуправа.

    „Ова се значајни средства кои се ставаат на располагање на општините за изградба на капитални проекти, како што се училишта, градинки, паркови, водоводи и канализации, со кои се решаваат децениски проблеми на граѓаните.

    Се работи за историски најголема инвестиција на централната власт во единиците на локалната самоуправа, општините преку кои директно се влијае на подобар живот и повисок стандард“, истакна Мицкоски.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично