ПОВЕЌЕ

    Пет години „Европски квиз на пари“ во Македонија: Финансиската едукација треба да почне уште во ученичките клупи

    Време зa читање: 4 минути

    „Европскиот квиз на пари“ веќе пет години претставува можност за едукација на младите во Македонија и стекнување финансиска писменост, како основа за натамошно успешно снаоѓање во деловниот и во светот на финансиите. Првиот јубилеј се одбележа во Македонската банкарска асоцијација, при што беа истакнати солидните резултати постигнати на ова европско натпреварување за ученици на возраст од 13 до 15 години, но и подготвеноста за натамошно поттикнување на финансиската едукација на младите генерации.

    Младите кои сакаат да ги продлабочат знаењата од областа на финансиите и економијата секогаш ќе имаат максимална поддршка од членките на МБА, нагласи претседателката на Асоцијацијата, Маја Стевкова-Штериева.

    „Навистина е големо задоволството што ‘Европскиот квиз на пари’ во нашата земја успешно се реализира веќе пет години. МБА ќе продолжи да вложува во едукацијата на младите, зашто тие се нашата иднина и колку повеќе младите се едуцирани за финансиите, толку поуспешни ќе бидат бизнисите што ќе ги започнат во иднина или финансиските одлуки што ќе ги донесат“, посочи Стевкова-Штериева.

    Последното мерење на финансиската писменост покажало дека младите на возраст од 18 до 29 години имаат 54 отсто од вкупните бодови за финансиски знаења, што е малку под просекот од регионот кој изнесува 56 проценти, наведе гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска. Оттука, постои простор за подобрување преку едуцирање на најмладите уште од ученичките клупи, со заеднички напори како од страна на финансиските регулатори и приватниот финансиски сектор, така и од страна на образовните институции. Првата национална стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, донесена во 2021 година од страна на Народната банка и од другите финансиски регулатори, меѓу другото предвидува и активности за поголема застапеност на финансиската едукација во формалното образование, за што соработката и поддршката од надлежното Министерство ќе бидат од огромно значење.

    „Народната банка и натаму ќе работи на афирмација на финансиската едукација меѓу младите, преку своите редовни предавања за сите заинтересирани училишта, но и преку постојано осовременување на начинот и формата на презентациите и едукативните материјали, водејќи сметка за соодветна застапеност и на дигиталните канали, како попривлечни за младите“, потенцира гувернерката Ангеловска-Бежоска.

    Во постојниот образовен систем се вклучени одделни сегменти на финансиската едукација, но претстојат уште активности, рече министерот за образование Јетон Шаќири, додавајќи дека тие ќе бидат изведени во соработка со регулаторните институции на финансискиот систем, приватниот сектор и со меѓународни партнери. Сето тоа со цел финансиската едукација да се поткрене на повисоко ниво, со што ќе се создадат генерации подготвени да ја преземат одговорноста за својата финансиска иднина.

    На одбележувањето на јубилејот присуствуваа и победничките тимови на годинешниот национален натпревар „Европскиот квиз на пари“: првопласираните Кирил Китевски и Кристијан Лазароски од ООУ „Мите Богоевски“ – Ресен со менторката Соња Стрезовска, кои ја претставуваа нашата земја на европското финале на 16 мај во Брисел, Белгија; второпласираните Благоја Трајчески и Теодора Трпоска од СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола со менторката Билјана Кочовска и третопласираните Никола Павловски и Дарија Јакимовска од ОУ „Гоце Делчев“ – Илинден со менторката Данче Нацевска. На натпреварувачите и на нивните ментори им беа врачени и симболични подароци од МБА и Народната банка.

    Учеството на нашата земја на „Европскиот квиз на пари“ е во организација на Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност, а со поддршка од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично